Maingear лансира нов „се во едно“ гејмерски компјутер со ултра моќни десктоп компоненти

0
1580

Вистинските гејмери веројатно веќе превртеа очи на она „се во едно“, но тоа е погрешна реакција – Maingear Alpha 34 е едно чудовиште од компјутер, макар и да го гледате чисто како десктоп машина. Да, ова е „се во едно“ компјутер со кој ќе можете да ги играте сите игри на максимална графика. Нормално, ако доплатите за помоќни компоненти. Како и со секој десктоп компјутер.

Alpha 34 има дисплеј со големина од 34 инчи во дијагонала, како што навестува и неговото име, со одлична резолуција од 3440х1440 пиксели во 21:9 сооднос. Ултра широкиот екран со делумна заобленост е одличен за играње игри – прави буквално да се внесете во играта, иако е малку ограничен за гледање филмови – во поголемиот дел од нив ќе гледате црни линии од страната.

maingear_alpha_34_3_575px

Сепак, тука главниот збор го имаат внатрешните компоненти. За разлика од скоро сите „се во едно“ компјутери кои имаат излезено на пазарот досега, во Alpha 34 се вградуваат исклучиво десктоп компоненти. Да, тука нема ниту трага од штедливи процесори и графички карти. Згора на тоа, најмоќните спецификации имаат Intel Xeon процесори со максимум 18 јадра и моќни графички карти, како на пример Nvidia Quadro K620. Ваквиот модел секако има и мега висока цена – 7704 долари и тоа со само 16 GB рам меморија и 1 TB SSD диск.

Комбинациите кои можат да се направат се многу – во понудата влегуваат сите процесори на Intel од Core и Xeon сериите, како и графичките процесори на Nvidia и AMD од најниските до највисоките класи. Сите компоненти се наменети за десктоп компјутери, што значи дека треба да се очекуваат максимум перформанси, но и многу греење. Затоа, во Alpha 34 е вградено и водено ладење, со неколку кулери во задниот дел за побрзо изнесување на топлината од малото тело.

maingear_alpha_34_5_575px

Цената на Alpha 34 почнува од 1999 долари, но за тие пари се добива Core i3 модел со хард диск од 1 TB, 8 GB рам и прилично слаба AMD R7 360X графика, која реално не е доволна за играње модерни игри на дисплеј со толкава резолуција. За Core i7 модел, цените почнуваат од 2699 долари, но и тука треба да се доплати за подобра графика, SSD диск и сите надворешни компоненти, како тастатура и маус, кои исто така знаат да чинат многу во гејмерскиот свет.

Сепак, високата цена и може делумно да се прости – ретко кој гејмер во моментов може да ужива во вистински чиста маса, без кабли насекаде, а да бидеме реални и десктоп компјутер со моќни компоненти знае да чини многу пари. И без грижи – и тука ќе можете да ги менувате сами внатрешните компоненти, што е одлична вест за оние кои сакаат редовно да се во тек со високите перформанси.