MПЦ-ОА ИМА ПРАВО НА ПРОТЕСТ, ДУРИ И КОГА ГРЕШИ

0
612

Под мотото „Имаме должност да ги заштитиме децата“, Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА повика на сенароден собир против Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција, закажан за вечерва во 18 часот, пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Иако во првата линија на „фронтот“ е МПЦ-ОА, зад истите барања застанаа и другите верски заедници во Македонија. Поттикнати од најавата за донесување на двата предлог-закони, уште на петти мај годинава во заедничко соопштение изразија „загриженост за иднината и безбедноста на верниците, а посебно за жените и децата“.

„Сметаме дека се неприфатливи легалното признавање на ‘родовиот идентитет’ во овие закони, како и збунувачкото разликување меѓу: пол, род и родов идентитет. Преку нивното донесување, наместо да се заштитат, се отвора можност за дискриминација токму на најранливите ‒ жените и децата! (…) Промовирањето на различни родови идентитети и ‘флуидноста’ помеѓу нив, можат да предизвикаат непоправливи штети, особено кај тинејџерите, кои, вака упатувани и образувани, треба да минат низ процес на самоиспитување и испробување, несоодветен за нивната возраст“, беше наведено во соопштението.

Под него стојат потписите на Архиепископот oхридски и македонски Стефан, Реис-ул-улема на Исламската верска заедница Шакир Фетаи, Скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов, Суперинтендентот на Евангелско-методистичка црква Марјан Димов и претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви.
Како што наведоа, изворот на тој загрижувачки тренд го лоцираат во ратификувањето на Истанбулската конвенција, која, благородната цел на заштита на жените и децата, ја искористила како параван за затскриено наметнување на родовата идеологија.

„Всушност, Предлог-законите во основа им противречат на доктрините на сите верски заедници“, порачаа потписниците.
Тие апелираа до сите релевантни субјекти сериозно да ја разгледаат можноста за повлекување на тој документ, по примерот на многу земји членки на ЕУ кои од него се дистанцирале, како што се Турција, Чешка, Унгарија, Бугарија, Словачка, Литванија и Латвија, кои сè уште не го ратификувале, односно некои го отфрлиле, токму поради неговата родова компонента.

Пошироки мотиви

Сѐ што следеше оттогаш до денес, е јавна размена на реплики меѓу претставници на црквата и организациите кои се залагаат за унапредување на правата на ЛГБТИ зедницата и за заштита од дискриминација. Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, дури имаше и видеообраќање, во кое воопшто не ги спомна двата предлог-закона, туку користеше општи фрази.

„Какви црковни мотиви се содржани во повикот за протест останува енигма, но мене ми се чини дека тука има и пошироки општествени мотиви“, вели верскиот аналитичар Бранко Ѓоргевски.

„Видете го само видео-обраќањето на поглаварот на МПЦ-ОА. Тој со ниту еден збор конкретно не го спомнува поводот за протест, туку зборува за тоа дека секој од нас ‘има света должност она што сме го наследиле од нашите претци и како посебност и како човечко предание да го продолжиме и да го оставиме на поколенијата по нас’. Во негов познат стил, кој секогаш треба да се чита меѓуредови, поглаварот упатува многу поширока порака, и ми се чини дека алудира и на други теми во општеството околу кои постојат длабоки конфронтации. Лошо ќе биде ако тие конфронтации станат уште подлабоки по протестот, ако се тргне во литии какви што гледавме во Црна Гора“, вели Ѓоргевски.

Иако верските заедници се одвоени од световната власт, смета дека имаат право да ги искажуваат своите ставови и видувања по разни општествени прашања, но доколку тоа помине со запазување на цивилизациските и демократските норми.
„Не смее по никоја цена – и тука е голема одговорноста на Синодот – да се дозволи протестот да се претвори во некаков повик за крстоносна војна против ‘различните’, да биде политички злоупотребен од некои партиски лидери и активисти, или на него да се слушне говор на омраза“, вели Ѓоргевски.

Потсетува дека сличен став – недозволување на промени во сопственото тело – Црквата има и кога е во прашање правото на абортус кое постои во општеството, но тоа прашање никогаш досега не било толку агресивно наметнато од страна на Црквата како што се прави во однос на двата предлог-закона.

Не се против, ама се против

Што е тоа со кое црквата не се согласува? Според викарниот епископ Јаков Стобиски, има две важни точки. Првата се измените на Законот за матична евиденција со кои се дозволува менување на полот со изјава на нотар, која би се базирала на субјективни и индивидуални чувства на поединецот. Според Стобиски, полот и родот се заемно сврзани и постојат само два – машки и женски. Втората причина е ограничувањето на слободата на говорот, која според Црквата се предвидува преку членот за родово-сензитивниот јазик. На завчерашната прес-конференција рече дека тие не се против никого, особено не против остварувањето нечии права.

„Протестираме за тоа што е спорно во законите. Сметаме дека сериозна реализација можеби ќе придонесе за поголемо остварување на нечии права, поединци, но тоа сериозно би ги загрозило правата на мнозинствата, или 99 проценти од населението во Македонија“, рече епископот Стобиски.
Од Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација не се согласуваат ос ваквата аргументација.

„Тоа што жените и родово маргинализираните групи на граѓани во Македонија ќе можат да ги уживаат своите човекови права и слободи – кои, патем, им следуваат – на никаков начин не им наштетува на останатите граѓани и семејствата ниту, пак, на општеството во целина. Со овие закони, на лицата кои се чувствуваат поразлично од својот пол им се гарантира правото на самоопределување, ана жените им се овозможува да имаат подобар, побезбеден и попросперитетен живот на сите полиња преку унапредување на институционалните механизми. Без вакви закони, ЕУ ќе биде уште подалеку, демократијата уште позагрозена, а живеењето во Македонија небезбедно за половина од нејзиното население“, порачаа од овие организации.

Според нив, мешањето на Црквата во овие предлог-законски решенија е директен упад во секуларноста на државата и непочитување на Уставот, а пред сѐ на жените во земјата и непрепознавање на нивните реални животни ситуации.
„Сеењето на страв не носи никому ништо добро – напротив, ја засилува омразата и создава плодна почва за насилство. Со повикот за протест МПЦ дополнително го поларизира граѓанството, замижувајќи пред последиците што ваквите дејствија е многу веројатно да ги имаат по животите и безбедноста на жените и родово различните луѓе“, предупредија од Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација.

Хелсиншкиот комитет за човекови права веќе објави низа препораки за припадниците на ЛГБТИ-заедницата, заради загриженост за нивната безбедност за време на денешниот протест. Меѓу препораките се тие да не се движат на просторот каде што ќе се одржува протестот, да избегнуваат да носат обележја кои асоцираат на ЛГБТИ-заедницата, да се движат низ фреквентни улици.

„Цената“ на секуларноста

Извршниот одбор на СДСМ завчера на седница отворил дискусија за аспектите што се отвориле во јавноста за законот за родова еднаквост и законот за матична евиденција. Во однос на предлог-законот за матична евиденција, посочуваат дека Владата го повлекла од собраниска процедура во март 2022 година, за да се направи дополнителна консултација и вклучување на сите засегнати страни со цел изнаоѓање општоприфатливо решение. И за законот за родова еднаквост заклучокот бил дека треба да продолжи консултативниот процес, со проширување на јавната дебата со сите засегнати страни пред законот да влезе во владина и собраниска процедура.

Иако предлозите не се во собраниска процедура, тоа не го намали поривот за протест. Во аргументацијата не изостанаа стравувања од „специфичен вид на ‘апартхејд’“ или „нов модел на човек“, како што може да се прочита на блогот на епископот дремвитски Давид (Нинов).

„Црквата никогаш не ги осудува и не е против луѓето, кои имаат некаков свој, помеѓу останатото и сексуален избор. Тоа е нивен личен избор, кој се однесува на нивната совест. Истовремено, црквата одлучно смета дека тие луѓе не смее да бидат подложени на дискриминација или на казни! Од друга страна, пак, не е возможно да биде дозволен еден специфичен вид на ‘апартхејд’, поточно едно издвојување на било каква минорна трансродова група, која на тоталитаристички начин ќе му го наметнува својот стил на постоење на севкупното општество. А, новиот предлог закон за родова еднаквост го има токму трансхуманизмот како своја појдовна точка: се искоренува досегашниот модел на човек со сето негово достоинство и историја, и се воведува нов модел на човек, кој лебди на површноста од своето постоење!“, смета владиката.

Притоа потсетува дека македонското општество е секуларно и Црквата нема право да донесува закони во Собранието, но таа има свои внатрешни правила.
„Црквата, секако доколку посака, може да размисли и да одлучи, пратениците, кои би го поддржале законот, кондиционално да ги лиши од сите свештенодејствија, кои тие, очигледно само од адет, би милувале да ги прават. Значи, доколку се декларираат како христијани, тие пратеници би биле лишени од крштевки, венчавки, погреби и сите други богослужби, кои го сочинуваат свештенотаинскиот живот на Црквата, барем до мигот кога јавно ќе се преумат. На тој начин, не само поединци, туку сите заедно како општество, хармонично, еманципирано и без анархија, во мир и целосно меѓусебно почитување, ќе можеме да ги уживаме благодетите, кои ги нуди секуларното општествено уредување“, наведува Епископот дремвитски Давид. (Дојче веле)