ЛАГИТЕ ЗА ВАКЦИНИТЕ ПОБРЗО СЕ ШИРАТ ОТКОЛКУ НАУЧНИТЕ ФАКТИ И ДЕМАНТИТЕ НА МАНИПУЛАЦИИТЕ, ЕРОЛ РИЗАОВ: ИЗБЕРЕТЕ ВАКЦИНА ЗА ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ МЕСТО ДА ЧЕКАТЕ ВАС ДА ВЕ ИЗБЕРЕ КОРОНАВИРУСОТ

0
1913

Колкава е разликата од оние што ги оштетиле бакарните цевки за довод на кислород во тетовската болница и оние кои знаеле дека се заразени од вирусот, но спокојно заминале на свадба со стотици луѓе?

Три пати со неверица морав да ја препрочитам информацијата дека некој ги оштетил бакарните цевки за довод на кислород во тетовската болница, доведувајќи ги во опасност животите на 120 пациенти. Не била ни несолена хумореска, ни црн хумор, туку страотна вистина. Одговорните од болницата велат дека била голема среќа што не е пресечена главната цевка, па така е избегната трагедија. Ако немало среќа, ќе се задушеле луѓе како во гасна комора. Прво што му паѓа на човека на ум кога ќе прочита вакво нешто е дали е можно тоа да се случи, кои се и какви се тие луѓе кои дошле да сечат цевки во болницата. Како тоа може да се случи да бидат лесно достапни доводи на кислород. Дали се во прашање психопати, лудаци, или обична кражба на бакар која можеше да предизвика ужас.

Да се надеваме дека истрагата брзо ќе даде одговори за што станува збор, за сторителите, кои биле нивните мотиви, но и за јавашлукот на одговорните во болницата да не бидат обезбедени и под постојан надзор витални технологии од кои зависат животите на пациентите. Како и да е, овојпат опомената е драматична – да се преземат неопходните мерки секаде каде што има лесен и необезбеден пристап до болничка опрема со чие оштетување може да се предизвика нечија смрт.

Приказната за веста и за демантот

Меѓутоа, што правиме со едни други цевки низ кои слободно дуваме опасни вируси на Ковид-19 и разни други мутации во устите на други луѓе. Колкава е разликата од оние што ги оштетиле бакарните цевки за довод на кислород во тетовската болница со оние, исто така, баш во Тетово, кои знаеле дека се заразени од вирусот и имале симптоми, но спокојно заминале на свадба да се веселат во ресторан каде што имало стотици луѓе. Да, разликата е огромна. За оштетените цевки се оди во затвор, а за свесно изложување на опасност на животите на голем број луѓе, иако во законите има санкции, не се одговара- барем досега никој не седнал на обвинителна клупа за такво кршење на законите ширејќи ја свесно пандемијата.

Или, колкава е разликата на оние кои ги оштетиле цевките со довод на кислород со оние кои ја доведуваат во прашање оправданоста од вакцинирање јавно преку медиумите тврдејќи дека најголем број од хоспитализираните пациенти на Инфективната клиника во Скопје веќе имале примено две вакцини. Со други зборови, бадијала ви се вакцините, тие ништо не помагаат.

Кога ќе пуштите ваква вест на национална телевизија која ќе ја приграбат со радост и антиваксерите по социјалните мрежи, можете да демантирате илјада пати и да презентирате стотици факти дека станува збор за дезинформација, односно дека само десет отсто од заболените што се на Инфективната клиника се со примени две вакцини и се со лесни симптоми, тоа нема да ви помогне многу.

Одамна ја знаете добро познатата приказна за веста и демантот. Но, на ова место и во време на пандемија прикладно е и поучно да ја повториме. Ако распарате перница и ги пуштите пердувите од највисоката зграда да летаат на сите страни, тоа е веста. А, демантот е повторно да ги соберете пердувите и да ги вратите во перницата. Се разбира, никој никогаш не ги собрал пердувите од лажната вест. Кога во едни дамнешни времиња е соопштена оваа голема вистина за новинарството, немаше интернет и социјални мрежи. Е сега можете да замислите кога не треба да се качувате на зграда и да ја распарате перницата, туку спокојно седејќи во кафуле, или дома ќе си стокмите една лажна убаво спакувана приказна и ќе ја пуштите преку мобилниот слободно да лета во етерот. За тоа нема никаква одговорност, дури и ако некој се обиде да ве тужи, ќе скокнат првоборците и еснафските здруженија да ве бранат за нарушување на слободата на говорот и демократските права. Ловците на лажни вести се пожестоко напаѓани, од оние кои ги фабрикуваат. И конечно и да ве откријат, ништо не е здодевната вистина како атрактивноста и интересноста на лагата.

Како да ги препознаете лицемерите

За мене најлоши се политичките лицемери и партиски агитатори затоа што тие добро ја знаат вистината за вакцините, ама најдобро ловат во матно, особено пред избори. Лесно се препознатливи, можете веднаш да ги откриете. Ги употребуваат истите зборови како папагали. Првите реченици секогаш им се демагошка ограда. Својот јавен настап обично го почнуваат со: јас сум вакциниран, ама никој не смее да го ограничува правото на граѓаните слободно да се движат. Тоа што оваа научна вистина е потврдена од најголемите здравствени авторитети во светот, за нив не преставува никаков аргумент. Напротив, тоа е само уште еден доказ да се поттикнат сомнежите во светски завери дека вирусите се измислица и слични глупости кои наидуваат на плодното тло на примитивизмот и заостанатоста, одлично тесто за предизборно месење.

Не можам, а да не ги потсетам во оваа прилика малку повозрасните генерации да им пренесат на своите поколенија, на помладите како ние се вакциниравме, или како што тогаш се викаше пелцување. Ќе дојдеа сестрите и лекарите на училиште и убаво еден по еден на ред ќе го креневме ракавот. По 15 дена на проверка, кај што не е фатено уште еднаш и готово. На тој начин се спасени илјадници животи од разни заразни болести. Не велам дека немало несакани случаи, но оправданоста од вакцини никогаш никој не ја оспорувал. Во право се познатите светски епидемилози кои и денес тврдат дека големо прашање е дали воопшто ќе опстанело човештвото ако не биле измислени вакцините, за што не случајно се доделени и Нобелови награди. Убаво паметам и кога избувна опасната Вариола вера. Навистина тогаш се применети најригорозните ограничувања на движењето на луѓето, многумина епидемијата ги покоси, особено здравствените работници, но заразата беше совладана за рекордно брзо време. Нема ништо поскапоцено од човечкиот живот. Затоа неопходно е правото на избор да го сведеме на единствен избор да се вакцинираме што побрзо, така ќе се заштитиме и себе си и своите најблиски, така ќе си ја заштитиме и својата земја. Материјалните штети и загуби можат делумно, или целосно со тек на време да се надоместат, но изгубените животи не можат. Вакцината ни е најдобрата заштита, подобра уште не е измислена.

– КОЛУМНА НА НОВИНАРОТ ЕРОЛ РИЗАОВ