КРИВОЛАК ВЕЌЕ СТАНУВА ВОЕН КАПАЦИТЕТ И НА НАТО, ПЕНДАРОВСКИ: ЈА ИНТЕНЗИВИРАМЕ И РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА ВО ОДБРАНАТА И БЕЗБЕДНОСТА

0
795

“Како држава ќе продолжиме со инвестирањето и развојот на полигонот Криволак кој повеќе не е само наш воен капацитет, туку и капацитет на целата Алијанса” – истакна претседателот Стево Пендаровски на армискиот полигон Криволак, на Денот на воената вежба “Одлучен удар 21”.

Во изминатите две недели имавте одлична можност да ја проверите интероперабилноста со неколку НАТО држави. Неспорно е дека покажавте капацитет и способност и за планирање и организирање на големи вежби заедно со другите сојузнички армии” – рече претседателот Пендаровски честитајќи им на сите учесници во големата воена вежба.

Тој додаде дека освен што е потврда во воена смисла на капацитетите за спроведување на интегрирани операции, оваа вежба е многу значајна за зајакнување на трансатлатнското партнерство и преку тоа за безбедноста на Европа и на Западниот Балкан.  

“Со заедничкото планирање и реализација на една ваква вежба Северна Македонија и САД го афирмираат стратешкото партнерство кое долги години опстојува меѓу нас, освен тоа постои уште една многу важна регионална димензија” – рече Пендаровски. 

Во “Одлучен удар 21” освен припадници на Армијата на САД, учествуваат и претставници на армиите на Бугарија и Грција со што го зајакнуваме билатералното партнерство и со нашите два соседи и во исто време ја интензивираме регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста.