КОРОНАТА МОЖЕМЕ ДА ЈА ЗАПРЕМЕ САМО СО ВАКЦИНАЦИЈА, МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО: 82% ОД НОВИТЕ СЛУЧАИ И 87% ОД ХОСПИТАЛИЗИРАНИТЕ СЕ НЕВАКЦИНИРАНИ

0
832

Во периодот од 6 август до 2 септември, во Северна Македонија се евидентирани 22 416 граѓани позитивни на Ковид-19, од кои 18% биле целосно вакцинирани, односно 4191 лице, а 18 225 граѓани, односно дури 82% не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 87%, додека само 13% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

“Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од четири седмици на територија на државата починале 480 лица со Ковид-19, 429 пациенти или 89% од починатите не биле вакцинирани, а само 51 или 10% примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања” – велат од Министерството за здравство.

“Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на Сарс-Ков-2” – се вели во денешното соопштение.