КИРИЛ ПЕТКОВ ВО САБОТА ЌЕ ГО ДОБИЕ МАНДАТОТ ЗА НОВА БУГАРСКА ВЛАДА СО 4 ПАРТИИ: НАРОДНОТО СОБРАНИЕ ЌЕ ГЛАСА ЗА НОВИТЕ МИНИСТРИ ВО ПОНЕДЕЛНИК

0
633

Бугарија ќе добие нова Влада од 4 партии со премиер Кирил Петков. Претседателот Румен Радев во сабота ќе му го додели мандатот на лидерот на “Продолжуваме со промената”, Кирил Петков. Народното собрание на вонредна седница в понеделник ќе гласа за составот на новата Влада.

Во новата Влада ќе учествуваат “Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија, “Има таков народ” и “Демократска Бугарија”.

Предлогот на “Има таков народ” за министерка за надворешни работи е Теодора Генчовска. Таа беше дел од администрацијата на претседателот Радев и беше предложена за министерка за одбрана во двата технички кабинети на “Има таков народ”.

Според коалицискиот договор, Владата ќе има пет вицепремиери – БСП, ИТН и ДБ ќе имаат по еден, а “Продолжуваме со промената” – двајца. Едниот од нив ќе биде Асен Василев како супер министер, бидејќи ќе раководи со финансиите и ќе биде надлежен за парите од европските фондови.