ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ АВГАНИСТАНЦИТЕ КОИ ШТО РАБОТЕА ЗА НАТО СИЛИТЕ И ЌЕ ДОЈДАТ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПРЕД ДА ЗАМИНАТ ЗА САД И ЕУ, ФИЛИПЧЕ: ЗДРАВСТВЕНАТА ПОМОШ ЌЕ ИМ СЕ УКАЖУВА ВО ХОТЕЛИТЕ КАДЕ ШТО ЌЕ БИДАТ СМЕСТЕНИ

0
744

“Разработен е протокол и препораки, кои предвидуваат ПЦР тестирање и здравствена помош, доколку е потребна за групата авганистански граѓани кои треба да пристигнат во земјава. Карантин за овие лица нема да има бидејќи се предвидува ПЦР тестирање и проверка дали се вакцинирани” – изјави министерот за здравство Венко Филипче.

“Ние не знаеме каква е точно таму ситуацијата и затоа да им се пружи здравствена помош доколку е потребна. Ќе стигнат жени и деца. Ќе дојдат гинеколошки и педијатриски тимови, матични лекари за сите да видиме дали евентуално е потребна лекарска помош. На сите ќе се направи ПЦР тестирање, а невакцинираните од тие што ќе дојдат, ден или два по тестирањето ќе бидат вакцинирани. Тоа ќе се спроведе на местата, односно хотелите, каде што ќе бидат сместени” – изјави министерот Филипче.

Владата најави прифаќање на околу 650 граѓани од Авганистан, вработени и нивните жени и деца во хуманитарните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти како и граѓани кои изминатите 20 години биле поддршка на НАТО силите во Авганистан.