ЌЕ ЈА ЗАЈАКНЕМЕ БЕЗБЕДНОСТА НА НОВИНАРИТЕ, СНИМАТЕЛИТЕ И ФОТОРЕПОРТЕРИТЕ СО ИЗМЕНИТЕ ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК, МАРИЧИЌ: СТАВАМЕ КРАЈ НА НАСИЛСТВАТА ВРЗ НОВИНАРИТЕ, ЛИНЧОТ, ЗАКАНИТЕ, УЦЕНИТЕ И ПОПРЕЧУВАЊЕТО НА НИВНАТА РАБОТА

0
633

“Во иднина нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице. Воведуваме строги казни за закана и за напад врз новинари. Дополнително во иднина обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. Ова беше  големо барање на Здружението на новинари, чии претставници активно учествуваа во работната група која ги подготвуваше измените на Кривичниот закон” – изјави министерот за правда Бојан Маричиќ.

Владата на денешната седница усвои повеќе измени и дополнувања на Кривичниот законик, а дел од нив се однесуваат токму на новинарите. Ќе се зголеми безбедноста на новинарите, снимателите и фоторепортерите. Овие законски измени ќе бидат проследени во Собранието и се очекува да бидат усвоени во септември.

“Со овие измени ставаме крај на праксата за неказнивост на насилствата врз новинарите и кога новинарите беа заплашувани, уценувани, затворани, неформално осудени на живот во постојан страв од политичката и институционална одмазда поради професионалното извршување на својата работа. За разлика од пред 2017 година, денеска речиси за сите регистрирани попречувања на работата и напади врз новинарите и медиумските работници, од страна на полицијата и надлежните органи се покренати постапки. И со денешните измени на членовите на Кривичниот законик кои се однесуваат на работата на медиумските професионалци, оваа Влада покажува дека има нула толеранција за каков било обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето” – рече министерот Маричиќ.

Тој ги повика сите институции во државата, обвинителството и судовите да постапуваат максимално ажурно и професионално за сите случаи на напад или против медиумските работници.

На владината седница поминале и измените на Законот за граѓанска одговорност, каде што има значително намалување на сумата што ќе ја плаќаат новинарите или пак медиумите ако евентуално изгубат спор за клевета или навреда.

“Конкретно новинарите во иднина ќе плаќаат максимални 400 евра за клевета и навреда, за разлика од минатото каде што оваа сум изнесуваше 2000 евра. За уредниците, со измените, надоместокот на штета не смее да биде поголем од 2000 евра. За потсетување по постојниот закон тој е 10 000 евра. За правното лице пак, од 15 000 се намалува на максимални 5 000 евра. Односно, 5 пати намалување на казните за новинарите и уредниците и 3 пати за медиумите” – изјави Маричиќ.