ИЗГОРЕА 4 СОЦИЈАЛНИ БАРАКИ ВО ПРИЛЕПСКАТА НАСЕЛБА ВАРОШ ОД СЛУЧАЈНО ПРЕДИЗВИКАН ПОЖАР: СПАСЕНИ СЕ СИТЕ ЛУЃЕ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НАЈАВИ НИВНО ЗГРИЖУВАЊЕ И МАТЕРИЈАЛНА ПОДДРШКА

0
874

Денес целосно изгореа 4 социјални бараки во прилепската населба Варош под Марковите кули. Пожарникарите и жителите до последен момент спасуваа човечки животи. Спасени се две неподвижни лица, а меѓу несреќните има и три деца од кои едно седумесечно бебе.

“Излегов надвор, да ја мијам колата, видов чад, видов дека гори кај соседите. Третата барака-лепенка гореше. Отидов да викнам во лепенката, бараката до нас. Децата беа сами, ги извадовме децата. Се сетив кај соседите да го извлечат неподвижниот сосед, сам беше во просторија. И татко ми е неподвижен и него требаше да го извлечат. Пожарната дојде веднаш, скршија, го извлекоја неподвижниот сосед и татко ми беше извлечен и гаснеа. Сето што беше до нив, направија, ама ние изгоревме” – панично опиша Ангела Китаноска.

“Не бев дома, додека дојдов, ми кажаа дека го извлекле татко ми. Сето е уништено. Ние 5 члена останавме на учлица. Тешко е, не сме моќни, ни треба помош. Сега сме без ништо” – вели Тони Лоџев.

Речиси 2 часа над 10 пожарникари со неколку возила го гаснеа пожарот кој бил пријавен околу 10:30 часот. Социјалните бараки се стари над 20 години. Ова не е прв пожар, а страдале и од гром порано.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски вели дека семејствата ќе бидат привремено згрижени.

“Сакаме да помогнеме. Ќе ги сместиме во институциите, а потоа локалната самоуправа материјално ќе помогне, а ќе направиме логистика за и другите да помогнат” – изјави градоначалникот Јованоски на местото на трагедијата.