ИСЕЛЕНИЦИТЕ КОИ ШТО ЌЕ ИНВЕСТИРААТ ВО ФИРМИ И РАБОТНИ МЕСТА, ЌЕ ДОБИЈАТ 15% ДРЖАВНА ПОДДРШКА, БЕКТЕШИ: СТРАНСКИТЕ ФИРМИ ОД ТИРЗ КОИ ШТО ЌЕ СОРАБОТУВААТ СО ДОМАШНИ ФИРМИ, ЌЕ ДОБИЈАТ 10% ДРЖАВНА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА

0
1046

“Компаниите од и во индустриските зони кои работат со домашни добавувачи ќе добиваат десет пати поголема финансиска поддршка од државата” – изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

“Поддршката ќе се зголеми од 1% на 10% за сите инвеститори кои за своите производи или репроматеријали над 7,5% ќе ги добиваат од домашни претпријатија или од македонски компании надвор од зоните” – објасни министерот Бектеши.

Со измените се олеснуваат и условите и за инвестирање од дијаспората, па наместо 10% сега поддршката ќе се зголеми на 15%.

“За сите наши иселеници кои би се вратиле и би инвестирале во нашата држава се зголемува износот на финансиска поддршка за 15% од оправданите инвестициски трошоци, но не повеќе од 1 000 000 евра” – рече Бектеши.

Со мерките ќе се стимулира и рамномерниот регионален развој.

“Прв пат се воспоставува за секоја инвестиција надвор од Скопје да има дополнителна поддршка. Ако 7% е коефициентот за скопскиот регион, а на североисточниот 14%, а некоја компанија исполнува услови да добие 20% финансиска поддршка, дополнително ќе и бидат дадени уште 7% во однос на разликата од најразвиениот скопски регион” – истакна министерот Бектеши.

Сите постојни и нови инвеститори треба да ги достават апликациите до 16-ти август. Оние компании кои се надвор од зоните да поднесат апликации во Агенцијата за странски инвестиции, а оние во зоните да аплицираат во Дирекцијата за ТИРЗ.