ИНФРАСТРУКТУРАТА ЗАБРЗАНО СЕ ПОДОБРУВА И ВО ИСТОЧНИОТ РЕГИОН, ЗАЕВ: ЈА ПУШТАМЕ ВО УПОТРЕБА ПРВАТА ДЕЛНИЦА ОД ПАТОТ ШТИП-РАДОВИШ, ДОЛГА 23 КМ

0
637

Првата делница од експресниот пат Штип-Радовиш во должина од 23 километри денеска е пуштена за сообраќај.

На делницата се изградени четири клучки: Штип-Југ, Долани, Лакавица и Бучим. Изведени се седум натпатници и потпатници, како и 11 мостови од кои еден е со должина од 322 метри. Коловозот е со ширина од 12,5 метри.

Премиерот Зоран Заев нагласи дека отворањето на овој експресен пат е историски момент за сите граѓани од Штип, Радовиш и Струмица, но и од цела Источна Македонија, бидејќи времето за патување двојно се скратува. Првата фаза е завршена на 22 април годинава пред предвидениот рок и во услови на пандемија.

“Во рок од три години, согласно предвидената динамика добивме завршен проект по сите европски правила за подигнување на нивото на безбедноста во сообраќајот и изградба на експресниот пат по најсовремените стандарди. Во последните 30 години ова е единствениот пат завршен пред предвидениот рок и верувам дека овој тренд на прецизност, висока професионалност и без никакви проектни и градежни отстапувања ќе се следи и во иднина” – рече Заев.

Верува дека втората фаза ќе биде пуштена во употреба во септември 2022 година. Вкупната проектирана должина за комплетниот експресен пат ќе изнесува 40,46 километри, а вкупната вредност е околу 60 милиони евра. Најави дека следат големи инвестиции во патната инфраструктура во вредност од 1,6 милијарди евра на ниво на целата држава.