ВО ИЗВЕШТАЈ НА ИНСТИТУТОТ ИФИМЕС, БУГАРИЈА Е НАРЕЧЕНА ГРДОТО ЛИЦЕ НА ЕУ, КАРАКАЧАНОВ ГО ОБВИНУВА ЗАЕВ ЗА ЛОБИРАЊЕ

0
944

Властите во Софија се лути по објавениот извештај на словенечкиот Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС од Љубљана. Министерството за надворешни работи на Бугарија денеска соопшти дека ќе го повика привремениот амбасадор на Македонија да даде објаснувања дали Владата во Скопје е поврзана со кампања спроведена преку овој институт.

Пред неколку денови ИФИМЕС објави дека бугарските власти пласираат неверодостојни податоци дека Македонците имаат бугарско потекло и оти Северна Македонија мора да даде официјална изјава дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени.

Изданието зборува за фактот дека Бугарија е “грдото лице на ЕУ” поради нејзиното категорично барање во врска со правилата за продолжување на преговорите за членство на РС Македонија во ЕУ. Во студијата се вели дека Независна Бугарија е создадена врз основа на договорот меѓу Руската Империја и Отоманската империја, т.е. Сан Стефанскиот договор од 1878 година. На територијата на Бугарија во тоа време живееле главно богомилско, македонско и турско население, кои подоцна биле насилно бугаризирани под силниот притисок на новосоздадената држава.

Според Каракачанов, целта на овие публикации е да се наруши имиџот на Бугарија, бугарскиот народ и бугарската историја што е можно повеќе.

“Сега гледаме директни докази дека зад оваа медиумска кампања не стои никој друг туку македонската влада и лично премиерот Заев, преку неговите советници кои ја водат оваа лобистичко-рекетарска структура наречена институт” – возврати Каракачанов.

“Не еден, не двајца, туку тројца советници на премиерот Заев се водачи на овој лобистички институт со седиште во Љубљана, кој со години исфрла оган и сулфур против Бугарија. Во нивното последно издание, Бугарија е претставена како грдо лице на Европа. Бугарија нема Бугари, само Богомили, Турци и насилно бугаризирани Македонци. Исто така, за нив канцеларката Меркел е глава на балканската мафија во ЕУ и има носталгија кон нацизмот и Адолф Хитлер. Ќе застанам тука.” – напиша тој.

“Веќе со години велам дека Скопје, без оглед кој е на власт – Груевски или Заев, спроведува агресивна антибугарска кампања и во самата Македонија против тамошните Бугари и со платено лобирање и публикации во западните медиуми и невладини организации. Овие публикации треба да го нарушат имиџот на Бугарија, бугарскиот народ и бугарската историја што е можно повеќе” – додаде Каракачанов.