ИДЕНТИТЕТОТ И ЈАЗИКОТ НЕ СЕ ПРЕДМЕТ НА ПРЕГОВОРИ СО БУГАРИЈА, ШЕКЕРИНСКА: ВМРО-ДПМНЕ СЕ РАСФРЛА СО ПРАЗНИ ОБВИНУВАЊА МЕСТО ДА НАПРАВЕШЕ НЕШТО КОРИСНО ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ

0
980

“Дискутираме како да го надминеме впечатокот кој го има Бугарија дека спроведувањето на Договорот за пријателство не е на нивото кое што го посакуваме, но најважно од се’, дискутираме како да ја добиеме и нивната поддршка бидејќи останатите држави-членки на ЕУ се сложни да ги почнеме преговорите и да се организира првата меѓувладина конференција” – рече министерката Шекеринска.

Во одговор на новинарско прашање за обвинувањата од опозицијата за национално предавство, таа посочи на изјавата на премиерот Зоран Заев дека идентитетските прашања не се на масата на разговори со Бугарија.

“Премиерот имаше многу јасна изјава дека темите коишто се однесуваат на нашиот идентитет, прашањето од типот на македонски јазик, македонски идентитет не дозволува да бидат ставени на масата за преговори. Но за сите други прашања коишто значат добри меѓусоседски односи и кои можат да ни ги отворат европските врати сме подготвени да ги дискутираме затоа што имаме доверба во себе, во нашата држава, во нашата историја и во нашиот идентитет” – рече Шекеринска.

Според неа, 4 години ги слушаме обвинувањата, а после 4 години можеме да кажеме дека државата успеа во својот прв стратешки приоритет да стане членка на НАТО и во овие турбулентни времиња кога многумина не’ плашат со промени на границите на Балканот и со нон-пејпери, да им обезбедиме на нашите граѓани и на нашите институции чувство на безбедност и сигурност.

“Наместо обвинувања, мислам дека би било корисно опозицијата барем еднаш да се потруди да ги помогне овие национални цели. Затоа што лесно е да се построите пред Владата, пред Собранието кога ќе се дига знамето на НАТО, ама тешко е тоа да го сработите. Лесно е денеска да обвинувате, тешко е да помогнете. Денеска сме членка на најмоќната Алијанса. Денеска сме држава во која новинарите веќе не се плашат ниту да поставуваат прашања, ниту да ја критикуваат владата. Денеска сме држава со најголема транспарентност во нашиот регион и тоа не е дело на национално предавство, туку тоа е дело на луѓе коишто сакаат државата да ја направат подобра од што била вчера” – резимираше министерката Шекеринска.