Земјите-членки на НАТО размислуваат за наследничка на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во 2022 година. Меѓу кандидатите се поранешната британска премиерка Тереза Меј, поранешната еврокомесарка за безбедност и надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини и актуелната германската министерка за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер.
Во НАТО алијансата преовладува мислењето дека овој пат жена треба да ја преземе водечката позиција и позитивно е тоа што има уште 3 кандидатки се од Источна Европа. Тие се поранешната претседателка на Литванија, Далија Грибаускаите, претседателката на Естонија, Керсти Калjулаи и поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ.
Новата генерална секретарка ќе се избере следната година на самитот во Мадрид и таа мора да биде искусна Европејка за политичките и геополитичките работи од интерес на НАТО членките.
Тереза Меј е неофицијален кандидат, нејзина предност е тоа што има важно искуство како премиер, но неповолен за неа е фактот што Велика Британија повеќе не е членка на Европската унија. Во игра е и името на Федерика Могерини, на која не и’ одат во прилог критиките за надворешната политика на ЕУ. За Анегрет Крамп-Каренбауер, проблем претставува фактот дека Европската комисија моментално е предводена исто од Германка – Урсула фон дер Лајен.
Иако улогата на генералниот секретар може да изгледа од второстепена важност во организацијата во која сите одлуки се донесуваат со неопходната едногласност и неприкосновена превласт на САД, сепак таа личност има клучна улога за одредувањето во кој правец ќе се развива НАТО во иднина.
На самитот во Мадрид следната година, ќе се усвои нова стратегија на НАТО со која што Кина и официјално ќе биде одредена како главен ривал на НАТО.