ГРЧКИОТ ДРЖАВЕН ОБВИНИТЕЛ НАРЕДИ ИСТРАГА ЗА СОМНЕЖИТЕ ЗА ОРГАНИЗИРАНО ПОДМЕТНУВАЊЕ ПОЖАРИ ВО РЕГИОНОТ НА АТИНА

0
770

Поради постоење на основани сомнежи и повеќе индикации за подметнување пожари, грчкиот државниот обвинител нареди истрага за да се утврдат фактите за пожарите кои што досега опустошуваа неконтролирано низ цела Грција. Обвинителот Василиос Плиотас испрати официјално барање до највисоките судски инстанци и полицијата.

“Прекумерниот број пожари со невообичаен интензитет и размер што се случија во последните денови предизвика непроценлива штета врз животната средина, особено шумските ресурси на Грција, зградите и другите објекти, земјоделско земјиште, посевите и туристичката инфраструктура, загрозувајќи ги дури и животите на нашите најблиски. Ова предизвикува разумно сомневање дека е намерна активност на организиран криминал во подметнување пожари, а не само обична, случајна појава, инциденти предизвикани од несовесно однесување” – е ставот на обвинителот Василиос Плиотас.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис веќе јавно се извини за грешките направени во гаснењето на пожарите. Мицотакис вети дека грешките ќе бидат исправени и повика на единство.

“Целосно ја разбирам болката на нашите сограѓани кои гледаа како им горат куќите или имотот” – рече тој во јавното обраќање. Истовремено вети дека уништените шуми ќе бидат обновени, дека ќе се изгради климатска одбрана и дека ќе се надомести штетата на оние чиј имот е уништен во пожарите. Засега е одобрен пакет помош од 500 милиони евра за обесштетување на изгорените имоти на островот Евија и во регионот Атика околу Атина.