ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ: РЕАЛИЗИРАНА МИ Е 75% ОД ПРОГРАМАТА, ЌЕ БАРАМ ПОДДРШКА И ЗА ВТОР МАНДАТ

0
715

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски вели дека реализирал над 75% од програмата за работа и најави дека е подготвен да ја побара поддршката од граѓаните за втор мандат.

Димитриевски, во однос на случувањата во Собранието на 27 април 2017 истакна дека некои лица кои учествуваа во тој настан денеска одговараат, но сценаристите или режисерите на настанот, не се тука а треба да одговараат сите. Според него, не може за случајот да има селективна правда.

“Има пратеници кои се амнестирани, некои се сокрија зад политичките позиции кои ги имаа во тој момент, ние кои бевме таму најдобро знаеме кој ги предводеше толпите. Оној што поттикнува, насочува е исто така одговорен. Имаше организирано сценарио. Или ќе имате процесуирано процеси за сите или ќе ги амнестирате сите. Но тоа оставам на правосудните органи. Јавноста треба да знае што се случува. Тоа беше сплет на околности. Имавме една сцена каде се боревме за животот. Не им замерувам на оние кои психички и физички ме повредија, но многу повеќе им замерувам на оние кои го мотивираа сето тоа и го организираа. Да бидете во една ситуација да ја гледате полицијата како немо следи и набљудува што се случува, не интервенира и чека команда. Прво неморално е, неетички да седите како професионалец и гледате дека е загрозен животот, а вие не преземате ништо. Ги следам изјавите на сите мои колеги кои се учесници во целиот настан и ги оправдувам. Но, она што според мене е суштински и пресуден, многумина коишто тогаш не беа во тие тешки моменти во Собранието, денеска се во високи врвови на власта, водат сериозни ресори и се доживуваат себеси како поголеми херои од сите тие кои учествуваа во тие настани и имплементираат лоши политики” – рече Димитриевски.

Тој додаде и дека дел од луѓето кои биле внатре и изложени на сите тортури и притисоци, повеќе ги нема или не се застапени во кој било сегмент од власта, а тоа е голем пропуст и таа грешка мора да се поправи во иднина.

Димитриевски информираше дека како градоначалник има над 40 истраги од МВР, обвинителството. Според него, истрагите се завршени, нема процесуирано постапка. Тој додаде дека службите и тој работат професионално, согласно законот. Кумановскиот градоначалник рече дека општината побарала од Државниот завод за ревизија да изврши контрола и ревизија на работењето на општината, на јавните претпријатија за да види дали случајно некаде има грешка, истакнувајќи дека поинаку е да се погреши со умисла, а поинаку по грешка. Во исчекување на извештајот од ревизијата, Димитриевски очекува професионалците да ја завршат работата за да нема пуштени спинови во одредени медиуми.

Тој истакна дека таков бил случајот со тужбата против ВМРО-ДПМНЕ и нивниот тогашен претседател на општинско ниво кои одржаа прес-конференција за настан во кој бил нападнат на семејна веселба. Димитриевски потврди дека му е уплатен еден денар оштета, а сега го чека извинувањето.