ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТАТА НА РАЗВОЈНАТА БАНКА: ГО ПОДДРЖАВМЕ РЕАЛНИОТ СЕКТОР СО 81 МИЛИОН ЕВРА ЗА 2020 ГОДИНА

0
630

“Во услови на здравствена криза, Развојната банка се истакна со солиден капацитет и способност за брзо прилагодување на новонастанатите услови со цел пресретнување на потребите на реалниот сектор за финансиска поддршка” – соопштија од банката во Годишниот извештај за работењето на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје за 2020 година.

Банката го поддржа реалниот сектор со кредити во износ од 81 милион евра, од кои: 13,5 милиони евра во форма на бескаматни кредитни линии Ковид 1 и Ковид 2, дизајнирани согласно потребите на компаниите за справување со негативните ефекти предизвикани од здравствената криза; 56 милиони евра кредити од ЕИБ кредитната линија по исклучително поволни услови и каматни стапки и 11,5 милиони евра кредити од останатите извори на средства на банката. Дополнително, банката ги прилагоди и другите производи и услуги за поддршка на реалниот сектор и притоа оствари зголемување на обемот на осигурување на домашни и извозни побарувања за 34% и зголемување на обемот на факторинг за 29% во однос на 2019 година.