ГО НЕГУВАМЕ И ГО УНАПРЕДУВАМЕ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ЗАЕВ: ПРАВОПИСОТ ЌЕ БИДЕ БЕСПЛАТНО ДОСТАПЕН ОНЛАЈН

0
767

“Македонскиот јазик ги помина сите фази на создавање, на пробив, на препознавање, на кодификација и тој денес е признаен во целиот свет. Неговата посебност впишана во личната карта на нашата држава, во големото семејство на народи и на земји-членки на Обединетите Нации” – напиша премиерот Зоран Заев.

“На денешен ден, пред 76 години, 7 јуни 1945 година, на предлог на Министерството за народната просвета, Народната Влада на Македонија донесе Решение за правописот на македонскиот јазик со заклучок, истиот да се отпечати во засебни книшки како издание на Министерството за народна просвета. Со усвојувањето на правописот на македонскиот јазик, се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик, по воведувањето како службен јазик во македонската држава (2 август 1944) и усвојувањето на македонската азбука (5 мај 1945).”

“Оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик. Тоа е така бидејќи нашиот јазик е нашиот идентитет. Сѐ дури постои македонскиот јазик, ќе постојат и Македонците, сѐ дури постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик. Тоа е така, затоа што тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убава и нераскинлива симбиоза” – напиша Заев.

“Нашата грижа за правописот на македонскиот јазик, додава тој, ја покажавме со поставувањето бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик на интернет достапен за секој граѓанин на www.pravopis.mk.”