ГАШИ НА НОВА СРЕДБА СО ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ: САКАМЕ ДА ГИ ЗАПОЧНЕМЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ И ДА ИМА СТАБИЛНА ВЛАДА ДО 2024-ТА ГОДИНА

0
1142

Во Клубот на пратениците во Скопје попладнево почна новата средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши за учество на таа партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

Пред средбата, премиерот Заев не сакаше да коментира ништо и најави дека потоа ќе следи само соопштение.

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши изјави дека определба на неговата партија е да се даде шанса за излез од политичката, енергетската и здравствената криза и да ѝ се помогне на државата за да почне преговори за членство во ЕУ.

“Ќе видиме каков е концептот на премиерот и неговите сегашни партнери и што очекуваат од нашиот придонес во идната влада. Ако успееме да изградиме нов концепт, поголеми промени, мислам дека Алтернатива е подготвена да помогне” – рече Гаши.

Претседателот на Алтернатива, Гаши рече и дека за неговата партија не е од суштинско значење колку министерски места би добила но е важно да се разговара за политичките критериуми.

“Тоа прашање е втор дел, многу понебитен од првиот кој е нормативен, околу концептот кој ќе го градиме заеднички и дали ќе можеме да ги отстраниме тие пречки при досегашното функционирање на Владата” – рече Гаши.

Во интерес на сите граѓани е да нема брзи избори.

“Нормално, за такво нешто нема гаранција затоа што секогаш може да се соберат 61 пратеник и да одлучат да се распушти Собранието. Ние би сакале да се формира Влада која ќе работи до 2024 година, ќе ги отвори преговорите за членство, ќе постигне значителен напредок за овој временски рок ние или да бидеме членка на ЕУ или да дојдеме при крај” – рече Гаши.