“Целиот наш фокус е кон Бугарија со сите нивни институции, пред се’ претседателот на Бугарија, господинот Радев, премиерот Стефан Јанев и министерот за надворешни работи Стоев и Парламентот. Се надеваме дека навистина во јуни ќе дадат поддршка за да го направиме следниот чекор во интегративните процеси на Северна Македонија” – ова го изјави денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање за односите со Бугарија и дали има некакво раздвижување. Посочи дека комуникации постојат со Софија, а првата средба се очекува следната недела на граничниот премин по повод донација на вакцини за Ковид-19.
“Јас денеска ќе се слушнам со претседателот Пендаровски којшто денеска попладнево се враќа и ќе можам да поразговарам за самите детали, затоа што нашиот министер за надворешни работи Бујар Османи веќе стапи во контакт со министерот за надворешни работи на Бугарија. Пред два дена се слушнав со премиерот на Бугарија, Стефан Јанев и договоривме следни комуникации. Овие денови како што објави претседателот на Бугарија, тие го прават гестот на пријателство, очекуваме следната недела да направиме прва средба на граничниот премин, барем како што е најавено” – рече Заев.