Компаниите кои сакаат да пласираат иновативен производ, услуга или процес, или сами или во соработка со друга фирма и/или со установа со научно-истражувачка дејност, од денес до 15-ти октомври треба да се пријават на јавниот повик од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Вкупната поддршка изнесува 8 милиони евра за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации и е важи само за компании кои не се тековни корисници на друга финансиска поддршка од ФИТР. Аплицирањето е исклучиво онлајн, а максималната поддршка за секој проект ќе биде до 20 милиони денари.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и директорот на ФИТР, Коста Петров на заедничката прес конференција изјавија ова ќе биде најголем јавен повик на ФИТР за годинава. Новината е во што ќе постои механизам за поврат на средства. Ако корисникот достави доказ дека некој инвеститор вложил во неговиот бизнис план најмалку 50% од износот на финансиската поддршка од ФИТР, тогаш корисникот ќе биде ослободен од обврската за плаќање на ројалти.
Ова е 9-ти јавен повик на ФИТР и се потврдува дека оваа институција дава вистинска поддршка на креативни и иновативни проекти на млади луѓе и фирми, стартапи, мали и микро компании кои имаат план за раст и развој.
“Би сакал да ги повикам и охрабрам сите стопанственици, млади луѓе, кои имаат идеи за развојни проекти, да се пријават. Јавниот повик е одлична шанса да ја забрзаме динамиката на вашите идеи, да го унапредите производството, да ги зголемите асортиманот, продуктивноста и продажбата, а со тоа да придонесете за креирање уште подобро економско опкружување во земјава” – истакна Битиќи.
Во изминатите 3 години, само преку инструментите за комерцијализација на иновациите и за подобрување на иновативноста, се поддржани 198 проекти или околу 30% од вкупниот број и за нив се издвоени 28 милиони евра или 66,3% од доделените 42 милиона евра.