„Ние, но и следните генерации имаме обврска да го чуваме и да го негуваме македонскиот јазик, поради тоа што тоа е нашиот глас во светот. Тоа никој нас не може да ни го оспори, не може да ни го одземе, ниту јазикот, ниту идентитетот“, рече Филипче.
„Нашата Влада успеа да го донесе македонскиот јазик и во европското законодавство. За првпат на македонски јазик е потпишан еден договор во Владата на премиерот Димитар Ковачевски, тоа е договорот со ФРОНТЕКС, на чист македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички, потврден од цела Европа. И тоа не е мала работа, тоа е голема победа, колку и да сакаат политичките опоненти од навистина неразбирливи причини да прикажат дека тоа не е така“, рече Филипче.
„Мене ми е чест што бев дел од Владата на СДСМ, којашто со своите државнички политики, посветеност и ентузијазам, практично ги исполни заложбите за заштита и утврдување на македонскиот јазик. Во 2019 година Владата донесе историска одлука 5 Мај да стане Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година кога тогашниот Президиум на АСНОМ ја усвоил одлуката за македонската азбука да биде официјално писмо.
Претходно, на второто заседание на АСНОМ е донесена одлука македонскиот јазик да биде официјалниот јазик, а после неколку дена од оваа одлука, на 5 мај е донесена и одлука за македонскиот правопис“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.