ЕУ НЕКА НИ СЕ ЈАВИ КОГА ЌЕ БИДЕ ПОДГОТВЕНА ЗА ПРЕГОВОРИ СО НАС, ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ СО БАРАЊЕ ЗА РЕЦИПРОЦИТЕТ: БУГАРСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ДА КАЖЕ КОЛКУ ПАТИ СЕ ПОЈАВИЛ НА НАСТАНИ ОРГАНИЗИРАНИ ОД МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРИЈА

0
1130

Премиерот Зоран Заев му упати јавно прашање на бугарскиот претседател Румен Радев колку пати се појавил на настани организирани од Македонците во Бугарија. Со таа реакција тој ја отфрли тезата на бугарскиот претседател дека наводно имало некаква дискриминација кон Бугарите во Северна Македонија.

“Зоран Заев се појавил на манифестации на бугарските здруженија многу повеќе во последните години отколку на македонски, албански или турски во државата. Подигнавме споменик на полковник Гарванлиев. Сме покажале респект оти се работи за наш сосед, но и за граѓани со определба Бугари во нашата земја. Дај да видам колку пати нивните политичари во Бугарија се појавиле на одредени манифестации на помалку бројни заедници во Бугарија” – изјави премиерот Заев.

Исто така премиерот Заев рече дека Европската Унија е таа што го оценува нашиот напредок откако досега постигнавме многу за почеток на преговорите.

“Јас реков, тоа е работа на ЕУ. Кога ќе одлучат да го продолжиме процесот, нека ни се јават. Ние во меѓувреме продолжуваме со европеизацијата овде, имаме сериозни процеси за спроведување на агендата “Европа дома” што значи унифицирање на царинскиот тарифник, што е дел од поглавјата што ние веќе го правиме. Во делот на унапредување на сите други аспекти од општествениот живот, исто така секојдневно работиме, затоа што нашиот пат кон Европската Унија всушност значи европеизација овде” – рече премиерот Заев.