ЕУ ГО ПОДДРЖУВА ДОЛГОРОЧНОТО ЕКОНОМСКО ЗАКРЕПНУВАЊЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН, ЗАЕВ НА САМИТОТ ВО ТИРАНА: ЌЕ ГИ ПОТТИКНУВАМЕ ПАТНИТЕ, ЖЕЛЕЗНИЧКИТЕ И ЕНЕРГЕТСКИТЕ ВРСКИ ВО РЕГИОНОТ

0
1050

“Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан го поддржува долгорочното економско закрепнување на регионот, истовремено поттикнувајќи регионална интеграција. Имплементацијата на Планот ќе ја стимулира економската активност, ќе ги зголеми инвестициите и на јавниот и на приватниот сектор, ќе ги зајакне конкурентноста и иновациите, особено на малите и средни компании” – рече премиерот Зоран Заев во своето обраќање на Самитот на земјите од Западен Балкан во Тирана.

На Самитот претседава премиерот на Албанија Еди Рама и учествуваат еврокомесарот за проширување и добрососедство, Оливер Вархеи, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и премиерите на Косово Албин Курти, на Србија Ана Брнабиќ и на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.

Премиерот Заев рече дека Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан има силен потенцијал за поддршка на главните патни и железнички врски во регионот.

“Нашата волја е поттикнување на развојот на капацитетите со обновлива енергија и премин од јаглен кон обновливи енергенси, зголемување на енергетската ефикасност, намалување на емисиите на стакленички гасови и подобрување на инфраструктурата за управување со отпадни води. Сите земји од регионот работат заедно во воспоставувањето на Заедничкиот регионален пазар” – посочи Заев.

Тоа е успешен модел за мотивација на регионот да започне нови регионални иницијативи насочени кон приближување на Западен Балкан до внатрешниот пазар на ЕУ. Заев нагласи дека дигитализацијата има централна улога во модернизацијата, овозможува понатамошна интеграција на дигиталната економија на Западен Балкан кон единствениот дигитален пазар на ЕУ.