ЕКОЛОШКИ ПРОЕКТИ И ПОДОБРУВАЊА ВО ЕНЕРГЕТИКАТА, ВАСКО КОВАЧЕВСКИ: ИНВЕСТИРАМЕ ВО ГАСНА ЕЛЕКТРАНА, ФОТОНАПОНСКА ЕЛЕКТРАНА И ТОПЛИФИКАЦИЈА ЗА БИТОЛА ВО ВКУПНА ВРЕДНОСТ ОД 350 МИЛИОНИ ЕВРА

0
1290

АД ЕСМ за Битола и регионот најави три нови проекти: изградба на гасна електрана, фотонапонски електрани и топлификација за градот Битола, инвестиции со вкупна вредност од 350 милиони евра.

Според генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, целта на сите овие проекти е да се засили енергетската трансформација која е во тек и за која имаме највисоки оценки како држава од страна на Европската енергетска заедница. Ќе се вложува во обновливи извори на енергија низ цела државата но и во регионот.

“Нашата политика со овие инвестиции се темели на два столба, односно да ја зачуваме енергетската стабилност на државата и истовремено да ја заштитиме околината и здравјето на граѓаните. Инвестициите во РЕК Битола во следниот период се во рамки на предвидената енергетска трансформација на комбинатот и движењето кон зеленото сценарио. Тука се когенеративната гасна електрана со моќност од 200-400 мегавати која ќе се користи и за производство на електрична енергија, како и за топлификација на Битола и која ќе биде супституција за два од блоковите на РЕК Битола. Планираниот почеток на работа на оваа инвестиција е по завршувањето на грејната сезона 2025/2026 година. Вредност на инвестицијата во прва фаза ќе изнесува околу 100 милиони евра, односно вкупно 200 милиони евра” – изјави Ковачевски.

Додаде дека во рамки на РЕК Битола ќе се градат и фотонапонски електрани, кои исто така се влезени во Интервентниот план за инвестиции. На почеток ќе бидат изградени две фотонапонски електрани од по 10MW и една фотонапонска електрана од 40 MW.