ЕКОЛОШКА ТАКСА ЗА НАФТАТА ОД 3,5 ДЕНАРИ И НАМАЛУВАЊЕ НА ДДВ НА 5% ЗА СТРУЈАТА, ЗАЕВ: ПАРИТЕ ЌЕ ОДАТ ВО ФОНД ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ

0
705

Премиерот Зоран Заев денеска потврди дека ќе има еколошка такса за нафтата од 3,5 денари и намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 18% на 5%. Одлуките, како што изјави, допрва следуваат и се дел од програмата на Владата за екологија.

Со еколошката такса планирано е во Буџетот да се слеат 1 милијарда 685 милиони денари за едно полугодие или 3 милијарди и 370 илјади денари за цела 2021 година. Средствата ќе бидат лоцирани во фондовите за инвестиции на обновливите извори на енергија.

“Еколошката такса од 3,5 денари на нафтата е со порака да се откажеме од нафтата и нафтените деривати и помало нивно користење за да преминеме на користење на зелена енергија, односно да се движиме почесто со велосипед, тротинет и електрични возила затоа што тоа го прави цел свет. Преку една ваква еколошка такса, средствата ги алоцираме директно во фондовите за инвестиции на обновливи извори на енергија, но истовремено и за амортизација при либерализацијата на пазарот на струјата затоа што сакаме да ја подготвиме Северна Македонија и граѓаните за меко намалување при целото пазарно пласирање на цената на струјата со конечна цел да нема покачување на цената на струјата оваа година” – истакна Заев.

Намалувањето на ДДВ-то на струјата се планира околу 1 јули и тоа ќе важи до 1 јули 2022 година, па ДДВ-то ќе биде 10% до 1 јули 2023 година и тогаш повторно ќе се врати на 18%.