ДВЕТЕ СТРАНИ ИМААТ СВОИ ОБВРСКИ СО ДОГОВОРОТ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО, БУЈАР ОСМАНИ: НЕОПХОДНО Е БУГАРИЈА ДА ДАДЕ ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА ПРЕГОВОРИ ПРЕД ДА ПОСТИГНЕМЕ ДОГОВОР ЗА ПАТОКАЗОТ

0
734

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека за да има целосен договор со Бугарија, мора истовремено да има решение со португалскиот предлог, дефиниран патоказ и зелено светло за почеток на преговорите. Тоа значи дека двете страни ги исполниле обврските. Ако ја нема една од овие компоненти, ќе нема ни договор ниту е возможно еднострано имплементирање на одредени делови.

“Бугарија според членот 2 ќе има обврски да ја поддржи евроатлантската интеграција, Северна Македонија ќе ги има своите обврски и нив заеднички да ги имплементираме и заеднички ќе ги мониторираме. Комисијата за историски прашања е една, нема две комисии кои што поединечно разговараат. Меѓувладината комисија како дел од тој билатерален мониторинг е раководена од двајца министри за надворешни работи. Значи процесот е замислен така да може заеднички да преземаме обврски, заеднички да ги имплементираме, заеднички да ги мониторираме” – рече Османи.

На тие разменети идеи требаше да има одговор пред самитот, но тоа не се случи туку дојде до новата блокада на Бугарија. И бугарскиот премиер Стефан Јанев на прес-конференцијата со Зоран Заев рече дека македонските предлози за патоказот ќе бидат разгледани наредните денови, но нивниот одговор дојде пост-фестум.

“Доколку беа прифатливи тие наши предлози, да се усогласиме за патоказот, португалското решение веќе е на маса, зелено светло во четвртокот и да имаме комплетен договор. Едната позитивна страна на ова писмо што го добив вчера е дека во писмото стои дека сите предлози коишто се дадени, се прифатливи затоа што кога барате Република Северна Македонија да ги реализира обврските, тоа значи дека вие се согласувате дека тоа е решение. Но негативното е што дојде откако заврши самитот” – рече Османи.