ВМРО-ДПМНЕ ТОТАЛНО ГО ИЗГУБИ ПОЛИТИЧКИОТ КОМПАС И СЕ РЕБРЕНДИРА СО 8 БОИ: МИЦКОСКИ ИЗБРА БОРДО КАКО БОЈА ЗА ПОТРАГА ПО ПРАВДА ВО МАКЕДОНИЈА

0
375

“Македонија за сите луѓе” е новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ, промовирана од лидерот Христијан Мицкоски во Охрид на прославата на 31. партиски роденден.

“Тоа е новата политичка стратегија, светоглед со кој ќе дејствуваме, силата која ќе ги обедини сите искрени и чесни граѓани кои ја сакаат Македонија и животот го гледаат овде. Време е да зборуваме за иднината, да се крене земјава од оваа национална и економска девастација. Македонија на е на касти, клики и слоеви, туку на сите македонски граѓани” – рече Мицкоски.

Опозициската партија и визуелно се ребрендира со дополнителни бои покрај оние што ги носи ВМРО-ДПМНЕ и државата: црвена, жолта и црна.

Еве ја вмровската симболика на 8-те избрани бои:

  • За оние кои ја носат црвената во срцата, на кои крвта им е врела, кои сакаат добробит за македонските градови и села.
  • За оние на кои црната им е важна, кои жалат по Гоцевите идеали и сонуваат да ги поправат последиците од катастрофалните национални порази што ги донесе Заев. И за сите оние кои пропатеа од црнилата на оваа власт.
  • Жолтата за оние кои веруваат во вистинска демократија, кои се борат за човекови права, кои имаат енергија и виталност, предизвикува среќа и радост, но и веруваат во тој долго ветуван европски сон.
  • Белата за оние кои веруваат во слободата и кои се борат за иднина, како нов почеток, нова победа, нов успех.
  • Сивата е за обесхрабрените, оние кои овој хибриден режим ги осиромаши и понижи, кои ги избркаа од работа, а децата им ги избркаа од државата.
  • Аловата, светло црвена, е за младите кои се наша иднина и иднина на нашата Македонија
  • Бордото е за оние кои ја бараат правда, правда за себе и правда за Македонија
  • Портокаловата за оние кои сакаат да работат, кои знаат да работат, кои знаат со свој труд да остваруваат успеси. Таа е за претприемачите, за бизнисмените, за носителите на економскиот живот.