Министерката за образование и наука, Мила Царовска ги повика наставниците да побараат објаснување од опозициските пратеници зошто не ја почитуваат работата на наставниот кадар и се против законските измени во Собрание. Економската и правната сигурност на наставниците за Владата е на врвот на приоритети, за што е подготвен закон со кој се гарантираат овие права на наставниот кадар и стручните соработници.
“За жал, опозицијата продолжува да го блокира во Собранието овој процес кој што е од најголем интерес на наставниците, а со тоа и на учениците. Вчера бевме сведоци на неуспешно дискутирање на Комисијата за образование во Собранието каде што опозицијата го блокираше повторно овој закон со кој се гарантира трансформација за повеќе од 4700 наставници, кои што во моментот немаат правна сигурност на нивното работно место. Исто така во овој закон стои и клаузула во која што правно се заштитува понатаму девалвирањето на платата на наставникот затоа што за првпат се усогласува со минимална плата. Како минималната плата ќе расте, така ќе растат и платите на наставниците. Но опозицијата како и досега што докажуваше дека не се грижи за наставниците, продолжува на истиот начин да ги блокира сите оние законски решенија кои се во интерес на граѓаните, но и сега специфично во интерес на наставниците” – изјави Царовска.
Со измените на законот, сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време на место како досегашната практика да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација, а воедно и сите наставници и стручни соработници кои во овој момент се ангажирани на определено време, со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат решение за трајно вработување.
За прв пат законски се дефинираат компонентите на платата на наставниците и стручните соработници, со што се овозможува исплата на додатоците на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето, додатокот за одделенско, односно класно раководство, за работа во комбинирана паралелка и за работа во ридско-планинско подрачје, за кои во минатото имаше реакции дека не се исплаќаат од страна на училиштата.
Решението предвидува и исплата на целосна плата за неполн неделен фонд на часови на наставниците кои ќе реализираат воспитно-образовна работа според наставен план и програми донесени согласно Концепцијата за основно образование и воспитание, доколку имаат минимум 10 наставни часови во неделата. А предвидено е и покачување на платите на наставниците со секое зголемување на минималната плата.