ВМРО-ДПМНЕ ДА ДЕБЛОКИРА 20 ПРЕДЛОГ-ЗАКОНИ ВО СОБРАНИЕ, ЗАЕВ: ИМАМЕ ДОГОВОР, НЕКА ГО ПОЧИТУВААТ И ДА СРАБОТИМЕ ЗАЕДНО ДО САМИТОТ НА ЕУ

0
792

Премиерот Зоран Заев денеска истакна дека е подготвен за дуел до опозицијата, посочувајќи дека многу е важно да се посветат на работите што се договорени на последната лидерска средба. Таму беа договорени сериозни работи кои носат свои обврски.

“Дуел секој пат е прифатлив, тоа може да значи информација повеќе за граѓаните, комплетно отворање на сите важни прашања и секако секој пат сум подготвен да разговараме за се’ ” – додаде Заев.

Тој истакна дека се подготвени да разговараат за сите детали, посочувајќи дека има дваесетина закони коишто се блокирани.

Тој го спомена одложувањето на пописот како барање од опозицијата, нагласувајќи дека исто така на нивно барање се одвоени 87 милиони денари за активности кои треба да се повторат.

Претседателот на Владата потенцираше дека за сметка на прифатените барања од страна на опозицијата, тие требало да ја одблокираат работата на Собранието.

“До ден денеска има 20-тина закони коишто се блокирани. Не е коректно. Апелирам ако е до нас да кажат спремни сме за детали да разговараме. Аферим за тоа што е одблокирано. Еве постигнат е договор за законот за пензионирање, пет месеци пролонгирање и прифативме, во ред е” – додаде Заев.

Премиерот нагласи дека Клиничкиот центар не е мрднат од место, додека зборуваше за се она што е блокирано од опозицијата.

Рече дека неизмерно се радуваат кога гледаат што е направено во Клиничкиот центар, оти е поставена опрема што ја има во Германија и Франција.

“Така што дај да го одблокираме тоа што е таму важно. Се стави впечаток на Клиничкиот центар заради тоа што навистина ова е нешто прекрасно. Ова е навистина столбот на севкупната хирургија во државата. Тука беа денеска сите директори на институциите коишто ги трансферираат своите сограѓани-пациенти тука да се лекуваат. Можеме многу да направиме” – посочи Заев.

Премиерот наведе дека навистина економијата се крева оти имаме ресурси, само треба да се најде убав речник и дијалог за решавање.

“Така што дуел ќе има, не бегам од тоа. Дај да дадеме шанса, 22–ри е за деветнаесет дена да се посветиме на тоа, да работиме на постигање на решение затоа што е важно” – заклучи Заев.