ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ТИРЗ ЌЕ ПОТТИКНУВА ВЛЕЗ НА ПОВЕЌЕ СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ НАДВОР ОД СКОПЈЕ

0
724

“Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони воведе нов пристап во поттикнувањето на странските инвестиции кој подразбира не само да се донесат инвестиции со подобар квалитет, туку и инвестиции од кои придобивки ќе имаат сите граѓани преку стимулирање на рамномерен регионален развој” – најави директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски.

“Очекувам да имаме повеќе квалитетни компании на повеќе локации освен во главниот град. Компаниите кои ќе решат да инвестираат во Скопје нема веќе да бидат повластени како досега и разликата која треба да ја платат за наем на земјиштето меѓу повластената цена и пазарната ќе им се смета во пакетот што државата им го нуди како помош. Со тоа компаниите кои ќе се решат да инвестираат во зоните во главниот град ќе добијат многу помалку средства во однос на компаниите кои ќе се решат да инвестираат во сите останати технолошко индустриски развојни зони во државата” – изјави Деспотовски.

Овој принцип веќе се применува во разговорите со потенцијалните странски инвеститори и целта е да ги насочат во зоните надвор од главниот град. На оние кои што инсистираат да добијат локација во зоните во главниот град им се укажува дека ќе треба да платат поголема закупнина за земјиштето од повластената која во овој момент е иста за сите зони и изнесува шест денари за квадратен метар годишно и е еден вид државна помош заедно со сите останати во пакетот.