ДЕПОЛИТИЗАЦИЈА НА МВР, СПАСОВСКИ: ПОГОЛЕМА ТРАНСПАРЕНТНОСТ И БЕСКОМПРОМИСНА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА

0
699

“Доследна, бескомпромисна и неселективна борба против корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност е еден од врвните владини приоритети. Таа е заеднички двигател на реформските процеси на повеќе институции, меѓу кои и Министерството за внатрешни работи, а резултатите на таа борба претставуваат резултати на нашата држава во целост. И конечно тоа не е борба од денес за утре со ад хок решенија и резултати, туку цел сет на политики, мерки и активности кои во континутет ги преземаме за да обезбедиме трајни вредности на ова поле за нашата држава.” – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната заедничка прес-конференција со вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Спасовски ги оцени како исклучително корисни препораките и насоките добиени од ГРЕКО – тело задолжено за борба против корупцијата при Советот на Европа, за сите институции со кои се креираат политиките во овој сегмент. Упати благодарност до нив, а посебно за позитивните и охрабрувачки оценки во нивниот Извештај за нашата земја за Петтиот круг на евалуација, усвоен на 87. Пленарна седница на ГРЕКО кои претставуваат уште една верификација дека сме на вистинскиот пат.