ДА ГИ ВНЕСЕМЕ БУГАРСКИОТ ИДЕНТИТЕТ И ЈАЗИК ВО УСТАВОТ И ЌЕ БИДЕМЕ 5 ЧЕКОРИ ПРЕД БУГАРИЈА, ВАСКО ЕФТОВ: ТРЕБА ДА ЈА ПОБЕДИМЕ БУГАРСКАТА КАНЦЕРОГЕНА ФАЛИМЕНТО ПОЛИТИКА СО МЕТОДИ НА 21-ВИ ВЕК

0
1658

Во својата емисија “Во центар”, новинарот Васко Ефтов ги анализираше состојбите на Балканот во контекст на бугарските политички случувања и спорот меѓу Македонија и Бугарија.

Ефтов рече дека со Преспанскиот договор, сме го избрале помалку болното решение со цел да се обезбеди континуитет на македонската државност со прифаќање на географската одредница. Направи и мала ретроспектива дека позади таквата умешност за постигнување договор меѓу Македонија и Грција стои всушност способната и крајно интелигентна британска дипломатија. Се осврна на фактот дека со Лисабонската декларација на ЕУ од 1992 година, беше бетониран ставот на ЕУ дека нема да признае никаква држава со име што ќе го содржи називот Македонија а притоа британската дипломатија прво се обиде со Привремената спогодба да го заобиколи тој став со референцата БЈРМ за нас додека да се дојде до конечно решение. Бидејќи ЕУ како таква се покажа дека е неспособна да посредува во еден таков деликатен спор, ги упати двете земји да го решаваат прашањето во ООН. Денес пак, ЕУ без Велика Британија е уште понемоќна за решавање сложени спорови како што е досегашниот меѓу Македонија и Бугарија. И денес, како и тогаш, имаме португалско претседателство кое што бара начин во променети геополитички околности да ја интегрира Македонија во ЕУ.

Бугарската надворешна политика кон Македонија ја оквалификува како канцерогена и фалименто политика која што допрва ќе поминува низ длабок процес на ресетирање и прочистување на државните и разузнавачките служби од штетни ликови задоени со идеологијата на живковизмот. Без такви чистки, Ефтов смета дека не е можно надминување на спорот на Македонија со Бугарија. Од интерес на сегашниот претседател Радев и на новиот популарен лидер Трифонов е да не се формира нова Влада ниту по новите избори на 11-ти јули туку да продолжи сегашната техничка Влада на Стефан Јанев до следните претседателски и парламентарни избори во Бугарија. На таков начин, политички би биле збришани радикални и штетни политички ликови ко Борисов, Захариева и Каракачанов. Поради второто бугарско вето, Ефтов е убеден дека Бугарија ќе плати скапа цена кај меѓународната заедница бидејќи директно влегува во конфликт со САД и со потенцијална дестабилизација на Балканот.

Оваа операција Ресет, Ефтов ја поврзува со претходните процеси како во Црна Гора и доаѓањето на кревката коалиција на Кривокапиќ на власт, во Косово со бришењето на Хашим Тачи, Весели и Харадинај од политичката сцена и доаѓањето на премиерската позиција на Курти, како и со Шарената револуција и бришењето на Груевски од политичкиот живот и доаѓањето на Заев на власт.

Со цел да им се одземат аргументите на Бугарите за наводна репресија на т.н. бугарско малцинство во Македонија, Ефтов се базираше и на изјавата на Али Ахмети. Рече дека најдобро решение би било да се внесат Бугарите како етничка заедница и бугарскиот јазик како еден од службените јазици во Уставот, како и запишување на графа Бугари во пописот. Така ќе покажеме на дело дека македонскиот и бугарскиот јазик се два посебни и различни јазици во Македонија. Ефтов е убеден дека во Македонија не би се изјасниле како Бугари повеќе од 5 илјади лица. Впрочем и пробугарската партија ГДУ на последните избори освои помалку од 3 илјади гласови. На таков начин, Македонија би била подобар и помудар играч пред меѓународната заедница, ќе обезбедиме поддршка на наша страна и ќе добиеме поповолно крајно решение на спорот со Бугарија со некоја нова Влада. За да бидеме 5 чекори пред Бугарите, мораме на ваков начин да ги надмудриме, со методи на 21-ви век.