ОД ЗЕМЕНИ 36 МОСТРИ, ВО 14 СЛУЧАИ БИЛА УТВРДЕНА ЛАЖНА ДЕКЛАРАЦИЈА, ЦАРИНСКА УПРАВА: ЧЕСТО СПРЕЧУВАМЕ ДЕКЛАРАЦИЈА НА ДИЗЕЛ ГОРИВА КАКО МАЗУТ БИДЕЈЌИ УВОЗНИЦИТЕ САКААТ ДА ИЗБЕГНАТ ПЛАЌАЊА НА ПОВИСОКИ АКЦИЗИ

0
920

Царината има можност да направи контрола на мазутот и на другите нафтени деривати што се увезуваат. Во текот на минатата година биле земени 36 мостри а 14 покажале лажни масла додека годинава, досега се земени 13 мостри и резултати за сите сè уште нема.

“Во однос на земените мостри во 2020 и 2021 година, информираме дека кај 14 од 36 земени мостри во 2020 година отркиени се неправилности во тарифирањето, односно тарифирани биле како масло за подмачкување, а по анализите се потврдило дека станува збор за масло за ложење, за што се наплатени дополнителни давачки и изречени се соодветни прекршочни мерки. Останатите 22 мостри од 2020 година се во ред. Од вкупно земени 13 мостри за мазут во 2021, кај 8 мостри не се најдени неправилности, а анализите за останатите 5 мостри се во тек” – изјавија од Царинската управа.

Оттаму велат дека нивна примарна задача во процесот на царинење на мазутот е да се утврди дали декларираниот мазут навистина претставува мазут или пак претставува некој друг вид на масло за горење.

“Во секојдневната пракса, низа увозници сакаат да ги декларираат нивните производи како мазут наместо како дизел горива со цел да платат помала акциза, бидејќи мазутот има пониска акциза во однос на другите нафтени деривати. Од тој аспект, првенствена контрола на Царинската управа е контрола на фискалниот аспект на нафтените деривати, односно правилна наплата на царинските давачки, ДДВ и акцизата, како и правилно утврдување на царинската вредност” – велат од Царинската управа по скандалозните афери во врска со појавен лажен мазут кој може да го загрози здравјето на луѓето, како и излевањето на моторно масло во Дебарското Езеро.

Во однос на составот на мазутот, од Царинската управа велат дека го испитуваат само сулфурот.

“Во однос на спроведувањето на мерките на трговската политика (дозволи, забрани и ограничувања) што се применуваат при внесување на мазут во царинското подрачје на Република Северна Македонија, предвидено е доколку мазутот содржи сулфур над 1% да не смее физички да влезе на територијата на државата. Од тие причини, Царината преку царинската лабораторија врши задолжителна контрола единствено на содржината на сулфурот. Оваа одредба е содржана во Одлуката за распоредување на стоките на форми на увоз и извоз, каде е предвиден режимот на забрана” – велат од Царинската управа.

Покрај контроли при увозот на нафтените деривати од страна на Царинската управа, контрола прави и Пазарниот инспекторат во акредитирани лаборатории.