РАЗОЧАРАН ЗАТОА ШТО НА ЕВРОПСКАТА ПОЛИТИЧКА СЦЕНА НЕМА КАЛИМЕРО ПРАВДА, ИВИЦА БОЦЕВСКИ: ИМЕТО НИ Е ИДЕНТИТЕТОТ, ЗАЕВ ЈА СРУШИ НАЦИОНАЛНАТА ПОЗИЦИЈА СО ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР

0
1264

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Боцевски повторно се појави во јавноста, со гостување во емисијата “Само вистина” на Канал 5, во која што ги критикуваше европските интеграции на Македонија и политичките потези на Владата на Заев.

Нагласи дека името Македонија ни е всушност нераскинлив дел од идентитетот и дека таа црвена линија никако не смеела да се премине. Откако Заев се согласи на географска одредница во Преспанскиот договор и без никакви гаранции за непречена евроатлантска интеграција на Македонија, веќе сме им дале сигнал на сите држави во ЕУ дека можеме да правиме и натамошни отстапки во однос на јазикот, нацијата, историјата итн. Рече дека ВМРО-ДПМНЕ и другите партии предупредувале на опасноста од постигнувањето на договор по однос на три точки опасни по нас кои што се дел од т.н. Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Една од тие точки е т.н. заедничка историја со Бугарија, за која што воопшто не се сложува и смета дека Бугарија нема право да бара такво нешто бидејќи Македонија на таков начин би имала заедничка историја и со денешна Турција поради Отоманската империја. Втората точка е јазикот, кој што воопшто не требал да биде ставен на маса за преговори а Заев тоа веќе го признал како реалност. Македонскиот јазик не може да биде само една бугарска норма и македонскиот национален идентитет не може да биде признаен со бугарски корени.

Во последната посета на Заев на Брисел, Боцевски остро го нападна триумфалниот начин на однесување на Заев иако еврокомесарот за проширување на ЕУ, Жосеп Борел само го повторил актуелниот став на ЕУ дека засега не се предвидува раздвојување на Албанија од пакетот со Македонија за преговорите. Но тоа важи само засега, а не значи дека би било и понатаму така. Сепак Борел како функционер на ЕУ, мора да ги почитува одлуките на секоја земја-членка а меѓу нив е и Бугарија. Во врска со нон-пејперите кои што се појавија во јавност во последниве неколку недели, Боцевски смета дека тие начини за неформална комуникација на земјите-членки на ЕУ можат да бидат основа за градење на заеднички понатамошни политики на ЕУ во однос на иднината на Балканот. Во моментов не знаеме што се преговарало зад затворени врати на министерскиот состанок на ЕУ, но извесно е дека дел од такви непријатни решенија за нас, еврокомесарот Борел ќе им го презентира на заедничката средба со лидерите на земјите од Западен Балкан.

Очигледно е дека Боцевски пак заговара барање Калимеро правда на европска и светска сцена а однапред треба да ни е јасно дека не функционира светот на таков начин. Македонија е мала и кревка земја која што треба проактивно да настапува, да се прилагодува на состојбите и да е спремна на отстапки и компромиси ако навистина сака да напредува кон ЕУ место да тоне подлабоко како што бевме заробена држава во време на дивеењето на ВМРО-ДПМНЕ од позиција на власт.