ПОДДРШКАТА ЗА ИЗЛЕЗ ОД КОРОНА КРИЗАТА ЌЕ ПРОДОЛЖИ, БИТИЌИ: ВО МАЈ ИЛИ ЈУНИ ЌЕ ДОНЕСЕМЕ И СЕДМИ ПАКЕТ ЕКОНОМСКИ МЕРКИ

0
609

“Треба да работиме на креирање на модели кои долгорочно ќе и’ помогнат на текстилната и кожарската индустрија да се подобри нивната состојба, а тоа може да се постигне со технолошко унапредување на работните процеси и да не бидат толку трудоинтензивни, туку нивните продукти да бидат поконкурентни на глобалниот пазар. На тоа во наредниот период заедно ќе работиме со Организацијата на работодавачи, синдикатите, коморите и другите асоцијации” – порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

“Ја следиме состојбата со пандемијата и со економската криза во текстилниот и кожарскиот сектор и во сите други сектори. Императив ќе ни биде да излеземе од кризата со најмалку можни последици што значи да ги зачуваме сите работни места, но и да работиме да ги вратиме на пазарот на труд и тие кои ќе ги загубат своите работни места. Го спроведуваме петтиот пакет на економски мерки, а веќе излеговме и со шести. Ако е неопходни ќе следи и седми пакет за одредени дејности. Размислуваме, разговараме и гледаме можности дали и каков би требало да биде следниот пакет на поддршка” – рече Битиќи по увидот на зафатната градба на хидросистемот Злетовица за водоснабдување на Штип, Свети Николе, Лозово и Карбинци заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа.

Повтори дека Владата одамна кажала дека во оваа криза ќе го поддржи кој било работодавач или кој било работник.

“Ќе останеме заедно до крај додека излеземе од оваа криза. Тоа значи ако навистина е потребно, а веќе ги согледуваме последните финансиски податоци од април и движењата во различните сектори и дејности, а во мај или јуни ќе излеземе со нов пакет” – истакна Битиќи.