БУГАРИЈА ГИ ИРИТИРА ЕВРОПСКИТЕ ПАРТНЕРИ, ХОЛАНДСКИОТ ПРЕМИЕР РУТЕ ВО СКОПЈЕ: БИЛАТЕРАЛНИОТ ПРОБЛЕМ СО БУГАРИЈА НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ПРЕЧКА ЗА ПРЕГОВОРИТЕ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА СО ЕУ

0
865

“Проблемот со Бугарија е билатерален и не треба да биде пречка за Северна Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ” – изјави денеска во Скопје холандскиот премиер Марк Руте.

Руте имаше куса средба со новинарите во холандската резиденција пред вечерата со претседателот Стево Пендаровски, а по средбата со премиерот Зоран Заев.

“Тука сум бидејќи Холандија беше земјата која најдолго се противеше на проширувањето на ЕУ, но толку многу напредок се направи во изминатите две години и среќен сум да кажам дека ЕУ реши да ги почне преговорите. За жал, го имаме проблемот со Бугарија кој треба да се реши” – рече Руте.

“Јас сум внимателен оптимист. Се надевам по изборите во Бугарија следната недела и фактот што моите колеги во ЕУ се согласни дека билатералното прашање меѓу Бугарија и Северна Македонија не треба да биде пречка за почнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Тоа е колективно мислење во ЕУ. Секако дека прашањето со Бугарија ме иритира многу бидејќи поради тоа се одложува почетокот на меѓувладините конференции. Пред сè, ова прашање е билатерално и не треба да ги запре пристапните преговори. Тоа не е само мое мислење, туку и на сите други членки на ЕУ. Можеби тоа не се гледа, но имаме многу дискусии со Бугарија и јас, но и моите колеги од ЕУ, за да се осигураме дека прашањето е решено. Не е добро да не почнат преговорите по толку чекање. Зад сцената, многу членки на ЕУ се обидуваат да дискутираат со Бугарија и се надевам на најдоброто по изборите во Бугарија” – изјави холандскиот премиер Руте.