АТИНА БАРА НАЧИН КАКО ДА ГИ ИЗБЕГНЕ ОБВРСКИТЕ ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА ПОРАДИ ПОДДРШКАТА НА ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ЗА МАКЕДОНСКАТА ФУДБАЛСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

0
749

Поради поддршката на премиерот Заев за македонската фудбалска репрезентација, официјална Атина се налути и побара објаснување од македонскиот премиер. Тоа е грчкото алиби за дополнително одложување неопходната ратификација на три меморандуми во грчкиот парламент поврзани со Преспанскиот договор.

Грчкиот весник Катимерини на насловната страница напиша дека Атина го повикала премиерот на Северна Македонија целосно да го спроведе Договорот од Преспа за името на земјата во сите контексти, вклучително и на меѓународните спортски настани.

Грчката владина портпаролка Аристотелија Пелони изјави: “Бараме целосна имплементација на Договорот од Преспа и неговиот дух и го повикуваме Заев да се воздржи од реторика на поделби, особено за такво чувствително прашање како што е фудбалот. Во секој случај, добрата намера за спроведување на договорот е еден од критериумите за пристапување на земјата во Европската унија.”

Меморандумот за соработка е одложен наводно за да можел Заев да разбере дека има некои обврски што не можел да ги игнорира.

Нова демократија на Киријакос Мицотакис на почетокот беше против Преспанскиот договор кој го потпиша владата на Ципрас. Главните забелешки на владејачката партија се однесуваат на прашањата за јазикот и идентитетот.

Катимерини напиша дека грчката влада јасно ја истакнала својата намера дека сака да го спроведе договорот и покрај првичното спротивставување на Нова демократија. Од друга страна јасно ни става до знаење дека немала да замижува пред она што го смета за мешани сигнали што доаѓаат од Скопје во врска со неговите намери за целосно спроведување на договорот.