АРМИЈАТА Е ЦЕЛОСНО ВКЛУЧЕНА ВО ГАСНЕЊЕТО НА ПОЖАРИТЕ, ШЕКЕРИНСКА: НАД 1600 АРМИСКИ ЛИЦА СЕ ВКЛУЧЕНИ НА ТЕРЕН СО ПОЛНА ОПРЕМА, МЕХАНИЗАЦИЈА И ЛЕТАЛА И НАД 1000 ЛИЦА СЕ ВО СОСТОЈБА НА ГОТОВНОСТ

0
924

“Речиси десет дена буквално сите државни капацитети се ставени целосно во служба на справувањето со пожарите, а Армијата и нејзините припадници покажаа дека секогаш и секаде се први да одговорат на барањето на граѓаните и на државата, да се вложат со целиот капацитет, со целото знаење, со целата нивна опрема за да спасат прво човечки животи, а потоа да ги спасат и материјалните добра и природните добра на државата” – изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

“Повеќе од 80 прелети со над 650 тони исфрлена вода, беспоштедно, без резерви, без калкулации, Армијата излезе и за своите граѓани и за својата држава” – рече министерката Шекеринска.

“Мислам дека сите заслужуваат највисоки оценки и пофалби дека тоа што го сработија беше навистина херојство. Ниту еден од нив не постави прашање, ниту еден не се скри, ниту еден не замина во најтешкото, туку сите беа присутни и тоа беа присутни навистина постојано. изразувам благодарност за добиената помош од Словенија, Романија, Србија, Австрија, Бугарија и на сите други што помогнаа” – рече таа.

Според досегашни информации, постои сомнеж дека еден дел од причините за бројните пожари е човечкиот фактор.

“Мојата порака и денеска, како и пораката на армиското раководство е дека Армијата останува будна и остануваме распоредени на повеќе локации меѓу другото и за да спречиме понатамошна ескалација. Нема да дозволиме ниту еден човечки живот да биде во опасност заради ваквите неодговорно или криминално однесување” – рече Шекеринска.