АПЕЛАЦИЈА ЈА ОДБИ КАКО НЕОСНОВАНА ТУЖБАТА НА ХРИСТИЈАН ДЕЛЕВ ПРОТИВ ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ ПОРАДИ ПРОДАЖБАТА НА СВЕДМИЛК

0
935

Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда на Основниот граѓански суд Скопје со која судот ја одби како неоснована тужбата за клевета на поранешниот функционер на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Делев против заменик на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

“Во судската постапка е утврдено дека Делев не успеал да ја докаже автентичноста на сите изјави изнесени од Николовски кои се предмет на тужбеното барање, бидејќи за истите нема релевантни докази како аудио, видео-снимка или транскрипт. Судот утврди дека Николовски, преку своите прес-конференции во улога на дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја вршел својата службена должност и вршел проверка на сомнежите во незаконитоста на работењето на Христијан Делев, во периодот кога тој бил заменик- министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на ВМРО ДПМНЕ” – изјавија од Кабинетот на Николовски.

Спорот се однесува за изнесени наводи од страна на Николовски во периодот на извршување на функцијата дополнителен заменик- министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во врска со инволвираноста на Делев во постапките за продажбата на млекарницата Сведмилк, ослободување од плаќање на закупнина за АД Вардар-Градско и за АК Џумајлија.