АНАЛИЗА НА ЕФТОВ: МИЦКОСКИ НА ЗАЕВ МОЖЕ ДА МУ БИДЕ САМО МИНИСТЕР ЗА ОПОЗИЦИЈА

0
2100

Во својата емисија “Во центар”, новинарот Васко Ефтов изнесе свои согледувања од последните случувања на политичката сцена во Македонија и упати остри критики и кон премиерот Заев и кон лидерот на опозицијата Мицкоски.

Прво реши да ја анализира лидерската средба Заев-Мицкоски и да ја раскринка пировата победа на Мицкоски со која што тој се фалеше пред јавноста. Оцени дека тоа одложување на пописот е само мачкање очи пред реалната ситуација дека Мицкоски се согласил на сите барања од Заев вклучително и на тие што воопшто не беа спомнати во изјавата. Смета дека Заев одиграл далеку попаметно бидејќи пописот секако немал шанси да успее во април но му го сервирал одложувањето како некој вид отстапка со цел Мицкоски да се согласи на деблокада на Собранието за сите предлог-закони и за локалните избори наесен.

Предлогот на Заев за широка Влада со дел од ДПМНЕ, Ефтов го оценува како потег со кој што полесно би можел да ја контролира целата опозиција. Смета дека Заев работи по т.н. струмички рецепт со кој што долги години ја контролирал опозицијата на струмичко локално ниво преку конфронтации во ДПМНЕ на неколку ликови како Бонева и Славе Гошев и сега истиот принцип сака да го примени на Мицкоски и т.н. Мериот коалиција на централно ниво. Во случај на широка Влада, Заев би изгубил помалку гласови во однос на тоа што Мицкоски би го изгубил како партиска поддршка и тие гласови би преминале на контото на антизападни политички сили како Интегра и Левица. Во таков случај, на Заев би му одговарало да го има Мицкоски како министер за опозиција во една широка Влада и како дежурен виновник за потенцијалните лоши ситуации од функционирањето на една таква Влада.

Потоа даде свое гледиште за тоа зошто Мицкоски мораше да бара итна средба со Заев а притоа Заев мораше да се согласи. Како тригер за таква лидерска средба им послужи средбата на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров со избеганиот поранешен премиер Груевски во Будимпешта. Бидејќи Мицкоски во тоа време беше на Инфективна клиника поради короната, најверојатно добивал информации за тоа дека се подготвуваат чекори за негова смена од лидерската позиција на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски се плаши само од три луѓе кои што имаат голема моќ за такво нешто да направат: Груевски, Мијалков и Орце Камчев. Откако Камчев се обидел да тргува со смената на Мицкоски кај Заев со цел да избегне затворски казни, Мицкоски решил да си ја спаси својата кожа и да не се буни на неговото притворање. Груевски е избеган во Унгарија, Мијалков веќе доби 12 годишна казна, а Камчев е во притвор и затоа Мицкоски мора да соработува со Заев за да остане лидер на опозицијата. Во насока на тоа, според Ефтов, Заев потегнал конци за да има претреси во становите на Груевски и му нашле 4 пиштоли со истечени дозволи и исто така кај Миле Јанакиески. На таков начин, Ефтов тврди дека Заев го контролира судството и индиректно Мицкоски. Поради ова, Мицкоски мора да расчисти со груевистичките ликови околу себе и за очекување е да паднат Александар Николоски, Антонијо Милошоски и Илија Димовски.