АЛИЈАНСАТА “РАЗБИСТРИ СЕ” ПОСТОЈАНО ИМАЛА КОРЕКТНА СОРАБОТКА СО В.Д. ДИРЕКТОРКАТА АНА ПЕТРОВСКА: НАШИТЕ КОНСТРУКТИВНИ КРИТИКИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА РАБОТАТА НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА БЕА ЗЛОУПОТРЕБЕНИ ОД МАЈА МОРАЧАНИН ЗА ЛИЧНА ПРЕСМЕТКА СО ПЕТРОВСКА

0
827

Алијанса “Разбистри се” изјави дека се злоупотребувани нејзините критики со цел привидно да се оправда разрешувањето на в.д. директорката Ана Петровска и со тоа се подрива довербата на граѓанските организации во институциите. Во реакцијата се тврди дека лидерката на ДОМ, Маја Морачанин злоупотребила дел од извештајот на Алијанса “Разбистри се” кој се однесува на ДИЖС.

“Во изминатиот период соработката со Државниот инспекторат за животна средина и со в.д. директорката Ана Петровска се одвиваше секојдневно, беше на високо ниво и жалиме за разрешувањето” – велат од Алијанса “Разбистри се” која беше партнер на Државниот инспекторат за животна средина од декември 2020 година.

“ДИЖС учествува во неформалното тело Граѓански инспекциски совет, кој се основаше со меморандум за соработка во јануари 2021 година, а кој беше формиран со цел интензивирање на соработката меѓу граѓанските организации во областа од животната средина и државниот инспекторат, особено во делот на подобрување на инспекциските надзори и процедурите поврзани со нив. Заедно со ДИЖС ја создадовме апликацијата за пријавување на загадувачи, со што пријавувањето на загадувачите стана полесно за граѓаните. Во моментов се работи на создавање на база на загадувачи со Б интегрирани еколошки дозволи, со што ќе се подобри координацијата на инспекциските служби на државно и локално ниво” – се вели во соопштението на Алијансата.

“Овие наоди и препораки беа објавени со цел подобрување на ефикасноста на инспекторатот и зајакнување на инспекциските надзори, а во ниту еден случај не претставуваат сеопфатна анализа за работата на ДИЖС во краткиот временски период во кој в.д. директорка беше Ана Петровска” – децидно велат од Алијансата.