Alcatel Idol 4S е нов играч во средната класа спакуван во кутија која овозможува гледање VR

0
1032

Alcatel продолжува позитивно да изненадува со своите нови модели на смартфони – 4S има одлични спецификации и се продава во кутија која потоа може да се искористи и за гледање на VR, односно виртуелно видео.

Idol 4S има 5,5 инчен AMOLED дисплеј со Quad HD резолуција, што е иста резолуција која ја нудат телефоните од највисоките класи на етаблираните конкуренти. Процесорот е Snapdragon 625 со Adreno 520 графика, кој не е најмоќниот во понудата на Qualcomm, но треба да е доволен за флуидно работење низ оперативниот систем, а има четири јадра на 1,8 Ghz и четири на 1,4 Ghz.

Чипот е помогнат од 3 GB рам и 16 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка. Задната камера има 16 мегапиксели со брза f2.0 бленда, што значи дека би требала да вади добри фотографии и во потемни услови, односно навечер, додека предната камера има 8 мегапиксели, што е одлична вест за селфи зависниците.

Најголеми адути на Idol 4S сепак се цената, која изнесува само 400 долари и пакувањето, кое е всушност уред за гледање виртуелно видео преку телефонот – денес не може да се најде поевтин уред за гледање VR, а не па со вклучен смартфон. Овој уред ги има Google Cardboard спецификациите, што значи дека треба да овозможи прилично квалитетно гледање на виртуелна реалност.

Заедно моделот Idol 4S, Alcatel најави и малку послаб модел, Idol 4, кој ќе чини 250 евра и нема да доаѓа со VR очила. Овој модел исто така има и послаб чип – Snapdragon 617 со Adreno 405 графика, 2 GB рам меморија и камера со 13 мегапиксели. IPS дисплејот има големина од 5,2 инчи и Full HD резолуција.

Покрај Idol моделите од повисоките класи, Alcatel најавува и поевтини модели од Pop гамата, кои се состојат од неколку уреди со големини на дисплеите од 5 до 5,5 инчи и резолуции од 7HD, односно Full HD, процесори од MediaTek и Qualcomm од средните и ниските класи и цени кои се движат од 100 до 200 долари.

Освежена ќе биде и Pixi гамата, која ќе се состои од неколку модели со големина на дисплејот од 3,5, 4, 5 и 6 инчи. Ова ќе бидат смартфони од ниската класа со цени кои ќе почнуваат под 100 долари – на пример, варијантата со големина на дисплејот од 5 инчи ќе чини околу 80 долари. Pixi телефоните ќе бидат придружени и од Pixi таблети со Android, кои доаѓаат во големини од 6, 7, 8 и 10 инчи, од кои најголемиот модел ќе има и вградена тастатура, како Surface серијата на Microsoft.