АКТИВЕН Е ПОЖАРОТ КАЈ САРАЈ, ТРАЕ АКЦИЈАТА ЗА НЕГОВО ГАСНЕЊЕ, ЦУК: СЕ ПОЈАВИЈА НОВИ ПОЖАРИ ВО НОВАЦИ И КАВАДАРЦИ

0
765

Центарот за управување со кризи попладнево соопшти дека е активен пожарот кај Сарај. Се појавија и нови пожари во општините Новаци и Кавадарци и над селото Црвена Вода кон планинскиот дом Китка.

“По интервенцијата на двата армиски хеликоптери пожарот кај селото Раовиќ во општина Сарај, бил локализиран но попладнево околу 15 часот повторно е активиран на 3 места по што е информирана Територијалната противпожарна единица на Град Скопје.

Нов пожар околу 14 часот е забележан и во атарите на селата Грумази и Ивени во општина Новаци, каде што гори сува трева и нискостеблеста шума, а друг пожар утрово е забележан и над селото Црвена Вода кон планинарскиот дом Китка.

Пожарот на отворен простор помеѓу селата Барово и Вешје во Општина Демир Капија е се’ уште активен и се прошири кон висорамнината Витачево кон село Страгово во Општина Кавадарци. На рамниот дел пожарот е изгаснат на фронт околу 4 километри и засега висорамнината Витачево е безбедна. Пожарот е навлезен во шума во селото Барово, во место викано Балдовец, каде што теренот е стрмен и карпест и нема пристап и начин на приближување за гаснење  за што се бара и интервенција од воздух”  – велат од ЦУК.