Фото : Илустрација
Скопјанка на возраст од 91 година вчера во 15 часот во СВР Скопје пријавила дека била измамена за сума од 300 000 денари, информира Министерството за внатрешни работи.
Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзиниот внук и неговата сопруга предизвикале сообраќајна несреќа – прегазиле дете и доколку не сака тие да лежат во затвор требало да плати.
Вчера, пак, МВР информира за сличен случај кога 80-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 615 000 денари.
Според пријавеното, на 6 февруари лицето телефонски ѝ се јавило и се претставило како полициски службеник кој работел во Германија, каде што живеела и нејзината ќерка, и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете кое починало и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати.
Како што е пријавено, таа подигнала пари од банка и ги оставила на договореното место, а подоцна откако се слушнала со нејзината ќерка сфатила дека била измамена.
И за овој случај од МВР соопштија дека се работи на негово расчистување.