Вмровска Илирида

0
792

Избори на 5-ти јуни, драги мои нема да има! Нема да има избори под кои се подразбира стандардна демократска агенда на избор помеѓу програми и субјекти на една и друга опција (власт-опозиција и сл). На 5-ти јуни можеби може да има некакво гласање на вмровци и дуи-џии, онака како што гласаа некои микро албански групи за т.н. Илирида на почетоците на независноста – по подруми и по куќи. Сега можат да ги грабнат и гласачките места и кутии, но суштината на убиството на изборите не можат да ја променат.

„Номен ест омен’’ или името е судбина, името-Избори носи багаж на демократски интегритет неспоредлив со која било друга демократска институција и процес – сакале нејќеле оние кои зборот го употребуваат него го подразбираат. Тоа не го разбираат и оние дискутанти од опозицијата кои велат „Избори ќе има и датумот е бетониран“… или „Избори ќе има и ние ќе организираме плебисцит за да ги онеспособиме или мнозински поклопиме“. Тоа е можно, можеби херојски важно, но сепак дефиницијата дека „избори ќе има“ е погрешна и грешката не е само симболичка.  Ние со плебисцит, референдум, со Отпор може да го поклопиме гласањето на зомбите на диктатурата, но не ги поклопуваме формално легитимните избори. Ако има легитимни избори сè друго, па и огромен плебисцит е маргинализирано, ефемерно, помалку битно од важноста на Изборите за демократскиот процес. Тие доминираат, нивната легалност поклопува сè. Затоа вакви какви се навестуваат – тоа не се избори, или избори нема да има.

Ако забележувате, чувствувајќи го овој огромен хендикеп на нелегитимното гласање кое сака да се продаде како избори на 5-ти јуни, мантрата на владините медиуми е нагласена  желба да ја „нормализираат“ расправата и датумот за изборите како дефинитивна, а проблемите, опструкциите и можните протести, плебисцити и сл. – да ги дефинираат како нормални за секои избори (боже мој некој губи или се плаши од пораз и има право да се лути и сл).

Значи драги мои, не се ова „не е врат туку шија“ дилеми и „вординзи“ туку се суштествени по и за квалитетот на поимот „избори“ во демократијата. Не сите гласања, организирани од владеачките елити се ИЗБОРИ!  Впрочем само ден-два по распуштањето на Парламентот, странските релевантни амбасади (задоцнето секако) ја дадоа изјавата која упати на токму таа различност на поимите „гласање“ од „избори“: со ставот дека … “на 6-ти Април Македонија ја испушти шансата да има кредибилни и демократски избори…“!

Нормално странците овој пат згрешија за друго нешто не само за тајмингот и се  ставија себе и земјата во состојба на „свршен чин“. Тие, имено, грешат суштествено што мафијаш и криминалец како лидерот на владеачката партија, после покренување на обвиненијата на Специјалното Јавно обвинителство за организирање злосторничко здружение за фалсификување службени документи и кражба на демократските избори – го третираат како рамноправен партнер на дебата за кризата со другите пристојни политичари на политичката сцена?! Ако го третираат рамноправно – тогаш садат тикви со ѓаволот и се ставаат во ситуација тој да им испорачува услови за избори (кои сите ги крадел претходно, а сега замислете разговара за условите за новите?!), да ги злоупотребува институциите, како Парламентот со распуштањето (па пази поента уште „условено“), па со закани за постапка за неуставност на СЈО, па со глупирање на оние креатури во Советот на јавни обвинители, па со поништување на решенијата по министерствата и т.н. Ваков криминален тип треба бесмилосно да се притисне и стави „на место“ врз основа на она што веке го сторил, а што е со највисока веројатност криминално, а не да се преговара со него.

Наспроти таквата посакувана методологија сега имаме:  влегување во шемата на простиот ум на дпмневското заглавување на странците и сите други, секако, со течење на  уставни рокови за избори по распуштање на Парламентот и секое идно, можно одлагање ги става странците и сите нас во сутуација „да го кршиме Уставот“. Тоа е она што ДПМНЕ го сака како аргумент за општ напад врз меѓународната  – дека таа е спремна да го крши во крајна линија и Уставот на Македонија за да изврши промени на диктатурата. Наспроти оваа непријатна ситуација меѓународната е соочена со резултатот од еднопартското гласање на 5-јуни: можноста сè што направи за помош во надминување на кризата да пропадне и биде избришано. Буквално сè, со што политичката криза во Македонија (во присуство и активно учество на меѓународната) ќе добие нови, длабоки ендемични размери на криза-на-распаѓање на земјата. Каков рапорт можат да напишат до своите шефови, соочени со ваков дебакл на двегодишната огромна инвестиција во Македонија – не можам да претпоставам.

Но, било како било, избори на 5-ти Јуни нема да има. Можеби ќе има некое гласање на делови од гласачкото тело на македонските граѓани, но нивното бламирање само и единствено ќе ја продлабочи кризата. Излез од неа не може да создаде секако. Такви и тие гласања без релевантната опозиција, освен што не можат да се наречат Избори, се и полоши дури и од најлошите претходни избори на кои ДПМНЕ ја крадеше победата, но на кои учествуваше опозицијата. Ова е дно на дваесетгодишниот изборен циклус  во Македонија, кога конечно изборите умираат и се сведуваат во сегментно, виолентно гласање, пародија на поддржувачите на диктатурата наспроти сите останати и наспроти демократијата во својата држава.

ДПМНЕ во својата проста лукавост се прелажа што не ги прифати оставките на министрите на опозицијата, пред да го распушти Парламентот. Лукавоста им оди до ниво демек: ќе ги вовлечеме со сила во процесот на идните избори-гласање и ќе ги зафркнеме така што нема да можат да се вадат дека биле надвор?  Но заборавиле на фактот дека вака сега владините решенија за поништување на претходните кадровски решенија на опозиционите министри немаат правна сила, имено, се нелегални. Владата не може да ги суспендира се додека има министер во ресорот кој не е разрешен и заменет со друг или премиерот да ја преземе неговата должност. Тие решенија на опозиционите министри се некако утужени пред Управниот суд, па обжалени, па ќе бидат обновени – но се тоа од министрите кои се надлежни за тие ресори (министрите на опозицијата) и владата тука не може ништо да стори, а Парламентот веќе неможе да ги разреши овие министри.

Вака можат да се заебат само глупи вмровци во брзање! Но нејсе, не ми е тоа поентата! Поентата ми е во тоа што опозиционите министри, со пледоајето кое со оставките го дадоа: дека не сакаат да ја легитимираат оваа влада и гласањето кое можеби претстои – правно  се недопирливи во владеењето со министерствата се до организирање на нормални избори и формирање на нова влада.

Значи, мирно дечки , работете законито и разбуцајте ги сите и сè што мислите дека е расипано и партиско по министерствата.

Пишува : Љубомир Д. Фрчкоски

Колумната е објавена на Либертас