Претходно министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека првото читање за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик во комисиската расправа поминало во пријатна атмосфера и се надминале пречките што постоеле во таа комисија.
-Сите политички партии го поздравија носењето на ваков закон. Го должиме како генерација и како политичари на оваа држава. Ги нотиравме природните промени на јазикот и тие треба да се пресликаат онака каква што е реалната состојба, рече министерката во телевизиско гостување.
Со новиот Закон за употреба на македонскиот јазик властите влегоа во процес на дополнителна заштита, унапредување и збогатување на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Како што наведуваат предлагачите, односно Министерството за култура, ова е сеопфатно законско решение преку кое ќе биде отсликана реалната состојба со променливата природа на јазикот, а секоја институција ќе биде задолжена да го применува стандардниот јазик. Законското решение во моментов е во собраниска процедура и неочекувано за досегашната практика, начелно добива поддршка од сите политички партии.