Фото : Илустрација
Жителка на Богданци (22), се соочува со обвинение за измама на 7 лица во Скопје. Во периодот од јули до септември оваа година, таа, користејќи ги социјалните мрежи, успеала да земе вкупно 74.200 денари од своите жртви.
Според обвинението, младата жена на Фејсбук објавила лажни огласи за изнајмување станови. Кога заинтересираните лица ја контактирале, таа им ветела дека ќе им изнајми стан, барајќи од нив да и исплатат аванс во готово. По уплатениот аванс, жртвите добивале клучеви од станови кои не биле нејзини, а во кои веќе живееле други лица.
„По претходно објавени огласи за изнајмување станови преку социјалната мрежа Фејсбук, секој од оштетените телефонски ja контактирал обвинетата и таа лажно им прикажала дека ќе им изнајми стан, барајќи да ѝ исплатат пари како аванс, пред да се вселат. По уплатата, на секој од оштетените им давала на рака клучеви како да се од изнајмените станови на различни локации во Скопје. Меѓутоа, клучевите не одговарале на становите што наводно им ги изнајмувала и во нив живееле други луѓе. На овој начин обвинетата од оштетените прибавила пари во вкупен износ од 74.200 денари“, појаснуваат од ОЈО Скопје.
Обвинителството смета дека обвинетата претставува опасност од бегство и затоа предложило продолжување на мерката притвор.