200 вработени од Тутунски Комбинат ќе бидат прогласени за технолошки вишок?

0
1244

Менаџерскиот тим на Тутунски Комбинат АД Прилеп ја разгледува можноста за воведување нов, втор по ред социјален пакет со кој до крајот на годината, а најдоцна до 31.01.2017 година, 200 вработени како технолошки вишок би заминале под Агенцијата за вработување.

Ваквата информација наиде на негативни реакции во прилепската јавност, бидејќи после потпишувањето на договорот за стратешко партнерство со „Филип Морис“, се очекуваше стабилизирање на производството и застанување на Комбинатот на здрави нозе. Во таа насока беше и драстичното намалување на бројот на вработените на почетокот на 2015 година, кога 535 лица го искористија понудениот социјален пакет и од Комбинатот заминаа како технолошки вишок. Во зависност од висината на платата и работниот стаж, максималната сума која им беше исплатена на вработените изнесуваше 15.000 евра.

Игор Китаноски, претседател на синдикалната организација при Тутунски Комбинат АД Прилеп, вели дека синдикатот ќе се залага сите вработени да останат на работа, бидејќи би било премногу за неполни 2 години од Комбинатот да заминат скоро 750 луѓе.

„Повеќе од 80% од претседателството на нашата синдикална организација е за тоа да не дојде до ново намалување на бројот на вработените. Постојат некои неофицијални најави дека менаџерскиот тим ја разгледува можноста 200 вработени да бидат прогласени за технолошки вишок. Како синдикат, ќе се залагаме да остане сегашниот број на вработени на начин што за сите нив би била обезбедена работа. Сепак, доколку се покаже за неопходно, тогаш ќе инсистираме условите под кои ќе заминат во најмала рака да бидат идентични како и за оние 535 вработени кои од Комбинатот заминаа на почетокот на минатата година“, вели првиот синдикалец Китаноски.

Во моментов бројот на вработени во Тутунски Комбинат АД Прилеп изнесува 430, од кои 66 се административни работници.

Зоран Милошески