20 факти за Антонио Милошоски и Нино Тодоров, за кои добро би било да се потсети и мојот братучед Кире Лазаров

0
4483

Сегашниот пратеник и нотар Тони (Милошоски), како многу јак и докажан говорник, во емисијата Топ Тема на ТВ Телма, пласираше многу мудра теза која гласи: “Не било важно тоа што тие (ВМРО ДПМНЕ и ДУИ) не договориле, туку тоа што другите (СДСМ и ДУИ) договориле”.

Ааааааaaaa, браос бе Тони! Молим за мудроста и за многу пати потврдените пропагандно-комуникациски вештини! А, богами и за гатачките способности и предвидување на “страшната иднина” која ја очекува Македонија, доколку ВМРО ДПМНЕ не продолжи да биде власт, те. СДСМ стане власт.

Но, добро, штом според тебе ова е важно, тогаш според истата твоја/ваша логика важни се за потенцирање и следниве 20 работи/факти, од ваша страна договорени, јавно презентирани (дел од нив со пола уста и срамежливо кажани, по можност да се соопштат, но да не се слушнат) и голем дел од нив, веќе и имплементирани:

Факт број 1. Во 2001 година, заедно со неколку академици од МАНУ, први ја отворивте темата за размена на територии и население (колку што се сеќавам, во тоа време ти, Тони, беше портпарол на Владата која ја предводеше твојот тогашен лидер и идол, македонскиот премиер со бугарски пасош-Љубчо),

Факт број 2. Го потпишавте и вие, Охридскиот Рамковен Договор,

Факт број 3. НЕ ја укинавте привремената референца ФИРОМ (а имавте доволно време, а богами и голема политичка моќ тоа да го сторите),

Факт број 4. Ти лично, во име на ВМРО ДПМНЕ, преговараше за промена на името (за ова слушнавме од разговорите во “бомбите”, за кои, со муабетот на Топ Тема, ти лично потврди дека се вистинити, а не, “сечени, лепени и монтирани”),

Факт број 5. НЕ ја вративте назад старата територијална организација (а имавте доволно време, а богами и голема политичка моќ тоа да го сторите),

Факт број 6. НЕ прифативте преиспитување на криминалната транзициска приватизација и враќање на криминално стекнат имот (а имавте доволно време, а богами и голема политичка моќ тоа да го сторите), туку се одлучивте и вие да ќарите што може да се ќари, преку “реприватизација” во пост-транзицискиот период,

Факт број 7. Согласно мајскиот договор со ДУИ (кој никогаш не излезе во јавност), изгласавте закон за употреба на јазиците во 2008 година, кој го проширивте во 2011 година. Ова го направивте во ваш стил, или, согласно муабетот на твојот сегашен лидер и идол со успешниот претприемач Силвана Бонева, преку промоција во јавноста на “тоа што не добиле Албанците”, а не на “тоа што тие добиле”, при што истото го немавте како ветување во вашата тогашна предизборна програма/платформа,

Факт број 8. Во 2011 година, прифативте и изгласавте закон за амнестија на хашките случаи, имајќи големо мнозинство во македонскиот парламент, при што и ова го немавте ветено во вашата тогашна предизборна програма/платформа,

Факт број 9. Во 2008 година, во најстарата гимназија на Балканот (Велешката), која се вика Кочо Рацин, вашиот амбасадор (швалерот Перо од Австралија) преку трупа, без обезбеден наставен кадар, воведе албанска паралелка, и никој за тоа не ве прогласи за “предавници”, туку дебатата се водеше во насока на квалитетно изведување на наставата со обезбедување соодветен наставен кадар, а не по секоја цена, заради вашиот политички пазар со ДУИ,

Факт број 10. Ја продадовте ОКТА на вашите “стратегиски и крвни непријатели-Грците” (нешто за што пред неколку години ве обвинуваше и ви посвети посебна емисија вашиот сегашен пријател и екстремен поддржувач Васко Ефтов). При тоа, како и за сите останати криминални и непатриотски стратешки одлуки, ја известите јавноста дека твојот сегашен лидер и идол Груевски, не учествувал во гласањето на оваа точка од дневниот ред (всушност, и самите се уверивме преку муабетите од “бомбите” дека секогаш кога станува збор за “жешки теми”, тој бил во вц, возел точак на кеј, бил болен и сл.),

Факт број 11. НЕ го ветивте во вашата предизборна програма/платформа, ама целосно го имплементиравте, па дури и многу повеќе од предвиденото (со Анексите) скандалозниот, од разни аспекти, проект Скопје 2014,

Факт број 12. Го критикувавте чинот на аболицијата на Црвенковски спрема Заев, а за државнички чин ја прогласивте масовната аболиција на Иванов во кои имаше и лица против кои сеуште немаше истрага (а не пак обвинение и/или пресуда), за потоа да го поздравите повлекувањето на аболицијата, прогласувајќи го и нејзиното повлекување за државнички чин,

Факт број 13. Го потпишавте и вие Договорот од Пржино,

Факт број 14. Преку ноќ формиравте нов и тотално непотребен универзитет на албански јазик “Мајка Тереза”, земајќи ги на душа и професорите (некои од нив ги напуштија постоечките работни места за да се вработат таму, со надеж дека тоа им е шанса да изградат академска кариера), но пред сѐ, студентите кои се запишаа на овој Универзитет,

Факт број 15. Ги прогласивте за “џуџиња” Конески и Рацин, а јавно (особено сега) се декларирате за најголеми и единствени борци за заштита на македонскиот јазик,

Факт број 16. Во Велес, на локалните избори во 2013 година, вашиот кандидат за градоначалник кој губеше во првиот круг, направи страшен пресврт во вториот круг, меѓу другото и со гласовите на Албанците од велешкото село Бузалково, при што, тоа тогаш беше во ред и “патриотски чин”, а сегашното гласање на истите Албанци за СДСМ, го прогласивте за “предавство”, “продажба на државните интереси”, “гласање за федерализација” и сл.

Факт број 17. Откако, без проблем Груевски го доби мандатот (противуставно, но сепак во согласност со досегашната пракса во плурална Македонија), преговаравте со ДУИ цели 20 дена, и тоа за детали од тиранската платформа, по што бевте на чекор до формирање Влада, а Иванов за цело ова време “дремеше”и ни на крај памет не му дојде, да ве прогласи за “предавници”, да му го одземе мандатот на Груевски и да побара повлекување на платформата. При тоа, за време на преговарачкиот процес се доби чувство дека Бујар Османи е мандатар, со оглед на фактот што тој (а не Груевски) на дневна основа даваше изјави за текот на преговорите, кои имаа и сеуште имаат една константа со следнава поента: “Сѐ беше прифатено од страна на ВМРО ДПМНЕ, а единственото нешто за кое запнаа преговорите беше точката за продолжување на мандатот на СЈО”,

Факт број 18. Сега, повторно искористувајќи ги вашите извонредни пропагандно-комуникациски вештини, од една страна го обвинувате ДУИ дека лаже во однос на изјавите за тоа што вие сте прифатиле (искрено, и јас не им верувам целосно, особено не дека тие се “тепале” за продолжување на мандатот на СЈО, а само вие сте се спротиставувале на ова), а од друга страна ги прифаќате за целосна и апсолутна вистина, нивните изјави во однос на тоа, што сѐ СДСМ прифатил (всушност, во овој дел ви се поклопуваат интересите за манипулација на јавноста, со заедничка цел, и вие, и ДУИ, да се прикажете како патриоти и заштитници на интересите на Македонците и Албанците, за преку засилена националистичка реторика да направите очајнички напори за краткорочен ќар пред локалните избори и враќање на изгубените гласови, кои на изборите од 11 декември, отидоа на контото на СДСМ).

При тоа, го обвинувате СДСМ за нетранспарентност во преговорите (кои, за разлика од вашите преговори, се однесуваа пред сѐ на собирање потписи за добивање мандат) иако вие 20 дена бевте како во глувчешка дупка пикнати за време на преговарачкиот процес со ДУИ, и тоа, во преговори за формирање Влада, откако претходно веќе го имавте добиено мандатот,

Факт број 19. Барате нови избори за да добиете апсолутно мнозинство, а веќе го имавте и (НЕ)направивте тоа што (НЕ)направивте,

Факт број 20. По потреба сте прозападно, протурски, проруски, па и прокинески ориентирани, при што ориентацијата не ја менувате согласно македонските интереси, туку согласно вашите моментални политички, но пред сѐ бизнис-провизиско-тендерски интереси,

Факт број 21. …итн. итн. итн. итн. итн.

Или, да резимирам: Врз основа на сите погоре изнесени факти, лесно може да се заклучи дека единствени константи во вашето политичко делување се лицемерието и пропагандно-комуникациските вештини, за кои вода можат сите да ви носат и за кои долго ќе се прераскажува. Сѐ друго е демагогија и продавање “магла” во функција на остварување личен и материјален интерес. Всушност, краен производ и крајна цел на оваа ваша лицемерна и пропагандна стратегија е “патриотско шлепање” позади многу тешки стратешки одлуки кои мора во даден момент да се донесат (за државата да опстане, но и да продолжи да се развива), при што најдобра опција за вас беше и сеуште е некој друг да ги донесе овие одлуки, а вие потоа да ги уживате плодовите од истите, ќарејќи многу пари и политичка моќ, при тоа, обидувајќи се да изградите аура на “патриоти”, наспроти сите други, кои упорно се обидувате да ги прогласите за “предавници”.

Дополнителна потврда за вашето лицемерие и изразити пропагандно-комуникациски вештини е и најновата мудра теза, пласирана повторно на Топ Тема, но сега од страна на пратеникот и министер Нино (Тодоров), која гласи: “Зијадин Села не чинел”, “Свесен ли бил Заев, со кого ќе седел во Владата” и сл….Аaaaaaаа, секоја ти чест и тебе, пратениче и министре Нино! Стварно, вашата мудрост и пропагандно-комуникациски вештини се толку многу изразени што навистина заслужувате и вредите, и ти, и Тони, да имате по две високи функции истовремено (ти, и пратеник и министер, а Тони, и пратеник, и нотар).

Но, според оваа твоја логика за Села (што навистина држи вода и многу е тешко да се проголтаат неговите изјави за македонското знаме, химна и сл., иако и тој занесен од моментната политичка слава, очигледно касни најмалку 15-20 години во својот политички развој, па се обидува преку екстремна националистичка реторика да ги придобие симпатиите на албанските гласачи, што сигурно нема да му успее), што би одговорил ти сега на прашањето за командантот “It’s Ali”? Тој, чини ли? Или, “It’s Ali” не чинеше од 2002 до 2008 година? Па, потоа чинеше и беше топ од 2008 до 2016 година! Или, да се послужам со твојот речник, “Свесни ли бевте вие со кого седевте во Влада цели 8 години”? И, крајното прашање, во однос на Ахмети гласи “Каква е ситуацијата со “It’s Ali”, сега? Чини ли, тој сега? Сеуште ли е топ? Или, можеби сега ѐ, или ќе биде потоп! Или, што е според тебе/вас, сега?!

Аман бе Тони, Нино и сите останати кои сеуште се обидувате да продавате демоде политика и тоа во време во кое дури ни со практикување модерна политика не можеш ни приближно да бидеш сигурен дека земјата ќе се движи напред. Сеуште ли не сфаќате дека заради ваквиот погрешен стратегиски пристап, го однема, и полека, но сигурно ви се стопи и ефектот од дел успешни проекти кои ги реализиравте, а се однесуваат пред сѐ на спроведените реформи во некои значајни институции, како на пример: Централен регистар, Катастар и слично, за кои искрено ви честитам и лично сметам дека ќе бидат применети како “case study” и во други земји. Ако сеуште не ви е јасно, крајно време е да разберете дека ерата на демоде политики и во Македонија е веќе завршена работа, така што единствена можна стратегија за политичко преживување ви е да почнете да се менувате, додека сеуште има време, или ако тоа не е можно да го направите, излегувајте од политиката и дајте им шанса на некои нови дечки.

Крајно време е, во интерес на сите македонски граѓани, да заврши ерата на лицемерни политичари (во сите политички партии), кои преку сеење национална омраза, секогаш кога имаат потреба за тоа, ќе се обидат политички да преживеат. Крајно време е и во Македонија да се направат квалитативни промени и земјата да направи сериозен исчекор напред кон градење граѓански концепт во кои сите ќе имаат еднакви можности за раст и развој, сите ќе бидат еднакви пред законот (најмногу политичарите и носителите на јавни функции), сите ќе имаат подобар квалитет на живот и сл. Или, Македонија ќе тргне по овој пат, или дефинитивно ќе стане географска територија, без жители. Верувам дека никој од нас, тоа не го посакува!

П. С. Максимално го почитувам патриотскиот излив емоции на мојот братучед Кире Лазаров. При тоа, искрено верувам дека е изворно негов, од душа кажан и со чесни намери, иако лично со него и не сме имале прилика да комуницираме за теми поврзани со развојот на Македонија, секој терајќи си го својот животен и професионален пат, кој прилично ни е различен! Неговиот, како професионален спортист, мојот како дипломиран електротехнички инженер и доктор на економски науки, професионалец во својот занает, и двајцата чесно работејќи и заработувајќи за себе и своето семејство, како всушност и многу други чесни македонски граѓани-домаќини луѓе, при што ниту јас, а сигурен сум ниту тој, нема денар земено од Сорос (освен ако во даден момент, Васко Ефтов не добие инспирација да направи истражувачка сторија за поврзаноста на Сорос, како унгарски евреин, со настапувањето на Кире во унгарски Веспрем??!!. Кога е Ефтов во прашање, никогаш не се знае??!!).

При тоа, се надевам дека и тој ќе го почитува мојот став и фактите искажани погоре! Затоа што мојот пристап и основна вредносна животна филозофија отсекогаш била, и понатаму ќе биде “Заедно, сме посилни” и “Разликите се предност, а не маана, и само тие можат да доведат кон прогрес, а не униформноста, послушноста и сл.”!

Или, верувам дека и ние двајцата, но и мнозинството македонски граѓани се животно заинтересирани да разговараат и дебатираат, давајќи придонес кон борбата за Заедничка, Европска и Модерна Македонија, со крајна цел “да го зачуваме нашиот идентитет, нашата вера, јазик, култура и сѐ она што не прави различни и уникантни, но и да ги почитуваме посебностите на сите останати сограѓани со кои сме живееле и треба да продолжиме да живееме тука, на овие простори, при тоа, правејќи максимални напори да го подобриме квалитетот на живот на сите граѓани во Р.Македонија, до ниво, кое ќе биде барем приближно еднакво, со тоа, кое постои во градовите и државите во кои Кире, подолго време живее, печали и ги образува своите деца!”

Игор Андреев